А ШТО ЌЕ НАПРАВИТЕ ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО, УРБАНИЗМОТ, ПРАВОТО…? Граѓанските здруженија упатија прашања до политичките партии
Одговорите од партиите ги очекуваме до 2 мај, велат граѓанските здруженија во Македонија и потсетуваат на важноста да се чуе ставот на партиите за прашања како што се загадувањето, урбанизмот, владеењето на правото, квалитетот на животот...
Повеќе граѓански здруженија во Македонија упатија 18 прашања до политичките партии кои учествуваат на претстојните парламентарни избори на 8 мај. Граѓанските здруженија бараат одговор од партиите за тоа какви одлуки би донеле во врска со загадувањето, урбанизмот, владеењето на правото и квалитетот на животот.
Во продолжение го пренесуваме нивното соопштение:
„Ние од граѓанските иницијативи, независните иницијативи кои учествуваа на локалните избори и еко-здруженијата со досегашното делување стекнавме искуство, но и големо знаење за состојбите и потребите за промени. Неброено пати ги повикувавме институциите за да бидеме заедно на страната на промените, за да се подобрува, унапредува и да се обезбеди квалитетен живот на сите граѓани.
Затоа денес до политичките партии учесници на изборите доставуваме 18 прашања на кои наместо флоскули и демагогија очекуваме конкретни одговори со рокови, буџет и одговорни институции и личности. Само така ќе бидеме убедени дека се знае како да се променат работите, а не само да се ветува без план!
Скоро 70% од законите се спроведуваат на локално ниво, во нашите општини. На прагот сме на парламентарни избори, а одлуките кои следните парламентарци ќе ги носат, директно ќе влијаат и на политиката на локално ниво.
Ние на овие избори не учествуваме директно, но и ние и останатите граѓани гласаме. И сакаме информирано да гласаме!
Одговорите од партиите ги очекуваме до 2 мај.
Јавно и во целост ќе ги објавиме пред гласањата на 8 мај за да бидат патоказ, но и обврска за периодот кој следи.
Како граѓани, имаме право на одговори за клучните прашања поврзани со:
Загадувањето
Урбанизмот,
Владеењето на правото
Квалитетот на животот
Нашите заложби се јасни: транспарентно, чесно, законито и правично општество за сите, политики кои ги штитат граѓанинот и јавниот интерес, обезбедуваат и стимулираат активно граѓанско вклучување и обезбедуваат здрава животна средина и подеднакви квалитетни услуги за сите граѓани низ државата.
Во исчекување сме да ги чуеме конкретните одговори од учесниците на изборите. Од нивниот одговор зависи и нашиот одговор на гласањето“.
Граѓанска иницијатива Шанса за Центар – Скопје
O2 Иницијатива
Граѓанска иницијатива Зелен хуман град – Скопје
Граѓанска иницијатива Зелените од Гази Баба – Скопје
Граѓанска иницијатива Независни за Карпош – За заштита на Карпош- Скопје
Граѓанска иницијатива Заедно за промена – Скопје
Граѓанска иницијатива Стига е – Струмица, Босилово, Ново Село
Граѓанска иницијатива За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода – Скопје
Граѓанската иницијатива Грин.Орг – Кочани