А, ШТО АКО ПАДНЕ ХАМАС? Постојат пет сценарија за тоа кој ќе управува со Газа
Форин аферс“ неодамна напиша дека ако Израел повторно ја контролира Газа како што беше до 2005 година, „Израел би станал затворска управа и засекогаш би владеел со огромен затворски логор со кој Газа одамна се споредуваше“. Другите опции се Палестинците да раководат, Обединетите Нации да имаат мандат или раководството да припадне на коалиција од околните арапски земји. Во сите случаи аналитичарите предвидуваат тешкотии и нестабилност.
Израелската армија најверојатно ги продолжува подготовките за копнена офанзива со 350.000 резервисти. Целта е позната: соборување на Хамас. Но, што ако Хамас навистина падне? Постојат различни сценарија, а ниту едно не е едноставно, пишува Дојче Веле. Израел уште не дал одговор за тоа кој ќе раководи со Појасот Газа ако Хамас биде уништен. Според двајца политиколози една работа е очигледна – анархијата и нови исламистички групи можат да го пополнат вакуумот откако војната би завршила.
Тие гледаат пет можни сценарија за расплет.
Сценарио 1: Израел раководи со Газа и пак станува „окупатор“
Ако Израел повторно директно воено го контролира Појасот Газа, како што беше до 2005 година, тој ќе се врати како окупаторска сила. Таквиот потег, сепак, може да предизвика нов отпор кај милитантните сили. Тоа би имало и фатални ефекти врз регионалната рамнотежа во регионот, вели политикологот Стефан Штетер од Универзитетот во Минхен за ДВ.
„Окупаторската сила“, според меѓународното право, има обврски и кон окупираното население.
– Таа задача потоа ќе треба да ја преземе самиот Израел. Финансиски, ќе ги надмине сите можности на земјата – вели тој.
А „Форин аферс“ неодамна напиша дека така „Израел би станал затворска управа и засекогаш би владеел со огромен затворски логор (со кој Газа одамна се споредуваше)“.
Сценарио 2: Палестинците раководат, но Абас нема поддршка
Од друга страна, Палестинската управа (ПА) би можела да се врати во Појасот Газа и да управува со него во иднина. Овој план има една слабост. Израелскиот експерт Михаел Милштајн од Универзитетот во Тел Авив вели дека ПА, предводена од палестинскиот претседател Махмуд Абас, сè уште е позната како влада на Западниот Брег, а не на Газа и ПА и де факто контролира само мал дел од Израел.
Тоа значи дека Израел има најголем дел од власта на палестинската територија.
– Треба да размислиме колку е слаб и непопуларен Абу Мазен – вели Милштајн, зборувајќи за прекарот по кој е познат палестинскиот претседател Абас во арапскиот свет.
Всушност, ПС и Фатах, која доминира во неа, партијата на Махмуд Абас, се крајно непопуларни на Западниот Брег. Плус тоа, уште еден фактор ќе влезе во игра, вели Стефан Штетер:
– Ако ПА се пресели во Појасот Газа по победата на Израел над Хамас, некои би можеле да гледаат на владата како на воен профитер кој ја презел власта на грбот на жртвите од војната.

Сценарио 3: Мешана палестинска власт која нема да трае долго
Можеби подобра, но тешка опција би била мешаната палестинска цивилна администрација, смета Милштајн.
– Таа (администрација) ќе биде составена од различни претставници на палестинската јавност, вклучително и градоначалници и ќе има блиски врски со ПС. Таков модел може да биде поддржан од Египет, САД, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) – вели Милштајн.
Но, тој вели дека треба да се земе предвид фактот дека таков поредок би бил стабилен само за кратко време.
– Но, сепак ова би било многу подобро од која било друга алтернатива – оценува експертот.
Сценарио 4: Обединетите Нации да администрираат под голем притисок
Може да се замисли и дека Обединетите нации би можеле да ја преземат управата. Стефан Штетер ги наведува како пример претходните модели на Косово или на Источен Тимор.
– Во Појасот Газа, сепак, тоа не е реално. Во овој случај, би било многу потешко, ако не и невозможно – бидејќи овој конфликт е премногу во фокусот на светското јавно мислење. Можна силна улога на западните држави би можела исто така да се гледа многу критички – вели овој политиколог.
Дополнително, вели тој, би се поставило и тешкото прашање за тоа што значи соодветна управа ОН.
Сценарио 5: Арапските држави да раководат со Газа
Истражувачот на конфликти Штетер би претпочитал поинакво сценарио: според него, арапските држави би можеле да го преземат водството во управувањето со Појасот Газа во соработка со палестинските власти.
– Ова, исто така, може да биде во интерес на некои арапски држави поради други причини – оние кои имаат силни резерви кон Муслиманското братство, од кое Хамас е палестински огранок. Египет презеде акција против Муслиманското братство, а исто така се води борба во Саудиска Арабија и ОАЕ – објаснува тој.
Како прво, како што смета Штетер, во такво сценарио Палестинците можеби би можеле да бидат убедени дека нивните основни интереси, националното самоопределување и решението со две држави, не се загрозени.
Второ, овој модел, според него, не само што ќе понуди перспектива за Палестинците, туку ќе донесе и поголема безбедност за Израел.