А сега за името!
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело. Во оваа колумна професорот Марјановиќ пишува за спорот со Грција за нашето име.
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 22 април 1998 година)
Пред неколку години, кога Атињаните го беа довеле до усвитеност прашањето за името, давав интервју за некаква финска ТВ куќа. Во еден момент дамата што го водеше разговорот ме праша зошто не сме сакале да си го смениме името. Се направив затечен со прашањето и реков дека никогаш не сум размислувал за тоа „едноставно“ решение на сите наши проблеми со Атина и со меѓународната заедница и притоа (правејќи се дека сум го заборавил името на мојата соговорничка) се извинив и ја прашав уште еднаш како се вика.
Дамата изговори некакво долго финско презиме со полно „а“ во него. Одглумив пријателска гримаса и (пред камерите!) извикнав:
– Колку грдо име за олку шармантна дама! Зошто не си го смените?
За чудо, дамата се фати на јадицата и во истиот момент енергично женски ми се спротивстави:
– Во мојата земја тоа е многу убаво име и јас за ништо на светот не би си го сменила…
Продолжив да глумам изненадување.
– Вие не би си го смениле името, а ме прашувате зошто мојот народ не сака да си го смени? – реплицирав.
Дамата се насмевна и (пак пред камерите!) рече:
– Го сфатив урокот, професоре!
На оваа вистинита анегдота, не без повод, се сетив деновиве!
Целата колумна од проф. д-р Ѓорѓи Марјановиќ прочитајте ја на следниот ЛИНК
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1000 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.