А сега малку за клучевите!
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело. Во оваа колумна професорот пишува за (националните) клучеви и влегувањето на малите партии во Собрание.
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 27.05.1998 година)
Иако e-mail-от е несомнено побрза, попрактична и практично бесплатна пошта на 21 век, јас, како непоправливо старински човек, сè уште повеќе им се радувам на писмата. Особено кога ќе ме изненадат, како она од пред некој ден што ми го испрати од Германија г. Јосип Новак (денес – фра Албин, католички калуѓер од редот на Св. Фрањо), стар војнички другар од незаборавните дебарски денови. Ме видел човекот „кадросан” во белградско ВРЕМЕ, па не го мрзело да направи фотокопија од написот и да ми ја испрати, придружена со едно срдечно другарско потсетување на старите војнички денови. А на фотокопијата: мојот голем политички „пријател” – г. Арбен Џафери како изјавува: „Нè нема во симфонискиот оркестар! “, а карши него – јас (со двете уши), насмеан по обичај, му одговарам: „Не е точно! Има еден што свири на виола… “.
Ја читам и препрочитувам фотокопираната статија и размислувам за двете противпоставени политички философии што стојат зад овие две противпоставени изјави: што и да зборува г. Џафери, тој мисли само едно – да ја дели Македонија на наша (според него, без срам и перде, „славомакедонска”) и нивна (името, како што е познато, не смее да им се изговори од причини на политичкиот бонтон наследен од Уставот од 1974).
За него очигледно и симфонискиот оркестар (веројатно намерно не сака да каже „Македонската филхармонија”) е институција како и секоја друга, во која неговиот народ мора да биде застапен процентуално, според бројот во вкупното население на земјата. За мене, филхармонијата е колектив од врвни уметници што во него не влегуваат ни како Македонци, ни како Руси (а има и руски Евреи), ни како Срби (ги има и нив!), туку само и единствено како уметници. Воопшто не се сомневам дека сонародникот на г. Џафери, симпатичниот свирач на виола во Македонската филхармонија, тешко би се навредил кога некој би му рекол оти во оркестарот не е поради своите музички квалитети, туку само и единствено за да ја претставува партијата на г. Џафери, на г. Алити или на некој друг џентлмен од истото племе.
Не, г. Џафери, тоа младо момче добро знае дека не влегло во оркестарот по национална, а уште помалу по партиска линија. Влегло зашто убаво свири на виола. И не само што свири, туку, гледам дека и ужива во своето свирење и по малу му заблазувам. (Ем работи, ем ужива. Веројатно би уживал уште повеќе да го плаќаат малу повеќе! Но, тоа излегува од темата што си ја зададов тука!) И добро е што е така. Тој млад господин не свири во оркестарот како претставник на својот народ, туку како уметник и како таков го слушаме и му аплаудираме. Така е и така мора да биде!
Или, да земеме еден друг пример, во обратна насока: борачите може (и секако треба) да бидат почесто од вашиот (без оглед на бројната застапеност во популацијата), а не од мојот народ од простата причина што се подобри пеливани од нас. Кога Трстена го освои својот незаборавен олимписки медал, не верувам дека имаше макар и само еден човек од мојот народ што не се радуваше на неговиот успех. Така е и така мора да биде!
Целата колумна прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1000 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.