„А САД И РУСИЈА ЗАЕДНО ДА БАРААТ МИНЕРАЛИ ВО УКРАИНА?“ Путин е спремен да копа со Трамп
Меѓу другото, рускиот лидер изјави и дека европските земји може да учествуваат во решавањето на конфликтот во Украина и дека Европа е таа која ги прекинала односите со Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин предложи заедничко истражување на наоѓалишта на ретки суровини со САД, вклучително и оние во деловите на Украина окупирани од Русија.
– Русија е подготвена да работи со своите партнери, вклучително и САД, по ова прашање – рече Путин во вчерашното интервју за државната телевизија.
Тој додаде дека Русија има едни од најголемите наоѓалишта во светот на крајниот север на земјата, како и на Кавказ, Сибир, Далечниот Исток и на окупираните територии во Украина, кои тој ги нарече „нови територии“.
Меѓу другото, рускиот лидер изјави и дека европските земји може да учествуваат во решавањето на конфликтот во Украина и дека Европа е таа која ги прекинала односите со Русија.
– Тие самите се откажаа од секаков контакт со нас и имаа секакви луди идеи за победа против Русија на бојното поле. Нивното учество во преговарачкиот процес е неопходно. Никогаш не сме биле против тоа – рече Путин.
Според Путин, руско-американската средба во Саудиска Арабија на која немаше претставници од Европа и од Украина имала за цел јакнење на довербата меѓу Москва и Вашингтон.
Американскиот претседател Доналд Трамп пред состанокот со својот француски колега Емануел Макрон во Белата куќа изјави дека Путин ќе прифати европски мировници распоредени во Украина како дел од потенцијален договор за ставање крај на војната.