Ај речи дека си коњ, кога не си…

Немаме избор, по никоја цена, не смееме да дозволиме и по третпат од „своите“ да биде предаден Доне Совичанов – Македонецот, затоа што после тоа ќе нема ниту што да се предава ниту што да се продава.

4,760

Тие што не бегале или не спиеле на часовите по македонски јазик и литература во средно образование, сигурно ги паметат зборовите од насловот на овој текст.

За тие, пак, што бегале, спиеле или ништо не прочитале, ќе ги потсетиме дека тоа се зборови на главниот лик, Доне Совичанов, од романот „Црно семе“ од Ташко Георгиевски.






Доне Совичанов (прекрстен од Грците во Андонис Совичанис) е Македонец од воденските села. Наклеветен и обвинет е дека е комунист и дека пишувал пароли против државата, а тој, кутриот, е неписмен и без ниту еден ден школо.

Заедно со уште неколкумина, во периодот на Граѓанската војна во Грција, е затворен  на пуст остров во Егејско Море.

Секој ден го тепаат, го мачат и му подметнуваат лист хартија за да потпише дека се откажува од Комунистичката партија.

Издржува се. Не потпишува. Не затоа што е комунистчки фанатик, туку, напротив, затоа што не е никаков комунист и, воопшто, не ни знае што е тоа комунистичка партија. А, според принципите на неговата вродена чесност, честитост и човечност, не може да се потпише и да се откаже од нешто што не е. „…Ај речи дека си коњ, кога не си…“ – велеше Доне Совичанов.

Иронија на животот или судбина на црноте семе?

И после повеќе од седумдесет години, на почетокот од третата деценија од дваесет и првиот век, повторно, сега колективно, но по желба и волја на поединци, сме во кожата на Доне Совичанов.

Во Преспа, во Нивици, на 17 јуни 2018 година, поблиску до неговите коски (и на уште којзнае колку ко него), Никола Димитров потпиша нешто што не сме. Рече нешто што Доне, и по цена на животот, не го стори. Тој ден, за жал, Доне Македонецот, по вторпат,  пак од „своите“, беше предаден.

А, деновиве, декември 2020-та година, во ерата на, како што милуваат да кажат, модерна, демократска и цивилизирана Европа, и „браќата“ Бугари, по урнекот на „братучедите“ Грци, бараат да потпишеме нешто, бараат да речеме дека сме нешто што не сме. Бараат, многу јасно и многу гласно, самите за себе, да кажеме дека сме „откорнато племе“.

Доне беше неписмен, но не можеше да потпише дека е нешто што не е. За него тоа значеше предавство и отчовечување.

Немаме избор, по никоја цена, не смееме да дозволиме и по третпат од „своите“ да биде предаден Доне Совичанов – Македонецот, затоа што после тоа ќе нема ниту што да се предава ниту што да се продава.

Поврзани содржини