ЈА ПОЗДРАВУВАМ ОДЛУКАТА НА УСТАВНИОТ СУД, БАЛАНСЕРОТ СЕ ЗЛОУПОТРЕБУВАШЕ Владата е спремна да направи реформа во јавната администрација, изјави Минчев

Ние, како Влада, сме подготвени за таков исчекор, да направиме една сеопфатна реформа во јавната администрација, но таа ќе мора да се базира на знаења, квалитет, стручност, односно на професионалност, само така можеме како држава да одиме напред, изјави министерот за јавна администрација, Горан Минчев.

290

Министерството за јавна администрација не ја коментира времената мерка на Уставниот суд за „балансерот“, законското решение ќе почека додека нема конечна одлука, изјави денеска министерот за јавна администрација, Горан Минчев, на втората јавна дискусија од кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ која се одржа во Куманово.

Тој потенцираше дека лично ја поздравува одлуката на Уставниот суд и повтори дека „балансерот“ со години се злоупотребувал.






Во однос на законските решенија, министерот Минчев рече дека во моментот не може да каже дали ќе има ново и какво ќе биде законското решение, ќе се чека на конечната одлука на Уставниот суд.

– Што се однесува до законските решенија, јас во овој момент не би можел да кажам дали ќе има ново или, пак, каква ќе биде содржината на тоа законско решение, секако би ја причекал и секако Министерството за јавна администрација околу конечната одлука на Уставниот суд, во зависност од тоа каква ќе биде… Ние би пристапиле кон евентуално ново законско решение коешто, патем, мора да кажам дека е уставна категорија – изјави министерот за јавна администрација.

Одговарајќи на новинарски прашања, Минчев кажа дека осудува какви било протести и дека во рамки на владината коалиција ќе има отворена дебата. Како Влада, додаде, се залагаат за сеопфатна реформа на администрацијата, која треба да се базира на професионалност, стручност, квалитет и на знаења.

– Законот не е во подготовка, Министерството за јавна администрација е носител на овие две законски решенија, јас се надевам дека во рамките на владината коалиција ќе имаме отворена дебата за она што следува, каков било повик на протести или, пак, на дестабилизација на државата за укинување или, пак, за времена мерка на „балансерот“, ги осудувам затоа што сите заедно сметаме дека тоа е приоритет, и во општеството и во државата, и сметам дека е дојдено времето, а и ние, како Влада, сме подготвени за таков исчекор, да направиме една сеопфатна реформа во јавната администрација, но таа ќе мора да се базира на знаења, квалитет, стручност, односно на професионалност, само така можеме како држава да одиме напред. Јас досега повеќепати кажав дека јавната администрација ја сметам за столб на една држава, практично за постоење на една држава и на една нација – кажа Минчев.

Поврзани содржини