ЈА ПЛУКАЛ, СО БОКСОВИ ЈА УДИРАЛ И Ѝ ГО СКРШИЛ ТЕЛЕФОНОТ Брутално претепана жена пред детето од 41-годишниот партнер

Жената се здобила со контузии и хематоми, а обвинителството предупредува на опасност од повторување на насилството.

1,476

41-годишен маж од Велес е осомничен за брутално семејно насилство врз својата вонбрачна партнерка во Скопје, откако, според обвинителството, ѝ нанел телесни повреди за време на расправија во домот.

Инцидентот се случил додека жената се подготвувала да ја однесе нивната ќерка во градинка. По вербална расправија, осомничениот започнал физички напад, удирајќи ја жртвата повеќепати по главата со лажица за облекување чевли.






Жената се обидела да се засолни во спалната соба, но напаѓачот насилно ја турнал на креветот, ѝ го одзел мобилниот телефон и го фрлил на под, а потоа продолжил со понижувачко и насилно однесување, ја плукал и ја удирал со бокс по главата и телото.

Од нанесените удари, жртвата се здобила со контузии и хематоми.

Од Основното јавно обвинителство Скопје информираат дека жената и претходно го пријавувала осомничениот за семејно насилство, но во минатото ја повлекла пријавата. Токму поради опасноста од повторување на насилството и заради заштита на жртвата, обвинителството побарало определување мерка притвор за осомничениот.

Постапката е во тек, а надлежните институции апелираат на навремено пријавување на сите форми на семејно насилство.

Поврзани содржини