А кој ќе ги изгаси пожарите во нивните злобни души?

Нема поголема злоба од тоа кога човек се радува на туѓата несреќа. Па и на сопствената. Тоа е македонска ендемска патологија. Таа деновиве се шири побрзо од пожарите.

4,872

Седам, гледам како се веднат стеблата на ветрот, наслушнувам далечни татнежи на громови и со душа го чекам дождот. Ги следам вестите и се радувам што на Галичица, во Светиниколско и на некои други места веќе почнало да истура. Си велам, ќе ги изгасне дождот пожарите, макар некои од нив…

Пожарите, порано или подоцна, ќе стивнат и ќе згаснат насекаде. Не само поради дождот што се очекува во наредните денови, туку и поради напорите на многу пожртвувани луѓе кои се борат со огнената стихија. Тие се вистинските херои на ова пеколно лето.






Веста за гасењето на пожарите, сепак, ќе разочара многу грди ликови во политиката, во медиумите и на социјалните мрежи. Има луѓе, поточно нелуѓе, кои деновиве се ситат на секое пламенче и на секој изгорен метар квадратен. Секоја јагленосана тревка за нив е доказ колку е неспособна оваа нова власт што ја избра народот и колку сме несреќни што ги изгубивме Таче, Али, Венко и компанија, на чело на државата.

Да беа тие на власт, сега НАТО и ЕУ ќе ни ги гасеа пожарите. Како што ни даваа тестови и вакцини кога умиравме од корона, на пример.

Во нивно време нашите противпожарни служби беа „до заби“ опремени и вооружени со авиони, со хеликоптери, со најмодерни возила и со цели противпожарни дивизии. И потоа дојде ВМРО и сето тоа – исчезна.

Ете, во тоа сакаат да нè убедат.

Во тоа и во лагата дека само Македонија страда од пожари во регионот.

Србите велат, нема веќе радости од злурадости. Нема поголема злоба од тоа кога човек се радува на туѓата несреќа. Па и на сопствената.

Тоа е македонска ендемска патологија. Ја знаете онаа поговорка – да му цркне козата на комшијата. Е таа во Македонија е проширена и надградена – да му цркне на комшијата, ама да цркне и мојата, па кога ќе побара од мене млеко, да немам да му дадам.

Лудило…

Оваа власт ветува дека ќе изгради нови училишта, нови болници, нови патишта… Верувам дека добро ќе ги опреми и противпожарните единици. Но, сето тоа ќе биде залудно, ако не се вложат пари и знаење во најважната капитална инвестиција.

На Македонија и е неопходна една нова, најмодерна установа за третман на психијатриски заболувања, со соодветна опременост и кадровска екипиранист да одговори на потребите.

Нашата ендемска психоза деновиве се шири масовно и побрзо од пожарите.

Поврзани содржини