„Аџибадем Систина“ ќе овозможи пракса за 100 студенти по медицина од Универзитетот „Гоце Делчев“

Јавното здравство не може да им овозможни пракса на студентите поради пандемијата, па затоа ние се понудивме да го направиме тоа, рече претседателот на Одборот на директори на Клиничката болница „Аџибадем Систина“, Јордан Камчев.

2,414

Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во соработка со Универзитетот Гоце Делчев (УГД) од Штип започнува проект „Академска пракса Аџибадем Систина“ со кој студентите од шеста година, почнувајќи од денеска, ќе имаат можност за следење практична настава.

Во текот на следните неколку месеци, студентите ќе ротираат низ одделите во болницата поделени во групи, а за нив, истакнуваат од „Аџибадем Систина“, ќе бидат обезбедени униформи, превоз, храна и целосна заштитна опрема за ковид-19.






– Дури и во услови на криза, болницата „Систина“ обезбедува едукација за младите медицински кадри. Задоволство ни е што имаме услови да обезбедиме ваква пракса и на младите идни доктори да им овозможиме да бидат дел од активностите кои се спроведуваат во најсовремената болница во земјата, која располага со најнапредна медицинска технологија, како во најреномираните клинички центри во светот. Применувајќи ги успешно сите најсовремени практики и технологии на медицината, во чекор сме со сите промени и новитети и на тој начин обезбедуваме опкружување во кое кадрите се надоградуваат и усовршуваат. Јавното здравство не може да им овозможни пракса на студентите поради пандемијата, па затоа ние се понудивме да го направиме тоа – рече претседателот на Одборот на директори на „Аџибадем Систина“, Јордан Камчев.

Проектот ќе опфати вкупно 100 студенти, а тоа значи дека 90 отсто од идните доктори, моментално студенти на УГД, ќе ја добијат својата пракса во „Аџибадем Систина“.

Д-р Андреј Петров рече дека ваквиот проект е пионерски, а соработката помеѓу „Аџибадем Систина“ и УГД претставува вистинска симбиоза, бидејќи, како што посочи, интерес имаат и студентите, но и самата болница.

– Голема предност за студентите е тоа што ќе имаат можност да бидат дел и од новата Педијатриска болница, единствена од овој тип во земјата и во регионот, која е меѓу последните големи инвестиции што ги реализираше „Аџибадем Систина“. Академската пракса е проект кој и за нас е новитет, но сме целосно подготвени и среќни поради тоа што одиме уште еден чекор напред и го вклучуваме и ова во целосната стратегија на болницата. Едукацијата на младите кадри е клучна во процесот на градење стабилен здравствен систем кој ќе биде во корист на сите граѓани. Се надевам дека ова ќе премине во традиција и дека ќе резултира со многу успешни приказни – рече д-р Петров.

Раководството на болницата соопшти и дека студентите кои ќе посетуваат пракса во „Аџибадем Систина“ на одделите за интерна медицина, хирургија, педијатрија и гинекологија, покрај можноста која ја добиваат да бидат дел од праксата, по нејзиното завршување можат да добијат и можност за пракса во болниците на „Аџибадем“ во Турција.

Д-р Јордан Савески рече дека ваквиот проект претставува голем успех за болницата, бидејќи, како што посочи, секаде во светот е многу важно дали болницата нуди обука на млади кадри.

– Кога јас се вработив во „Аџибадем Систина“, првото мое прашање не беше колкава ќе ми биде платата, туку дали се размислува за претворање на болницата во „тичинг болница“, односно во здравствена установа каде што студентите по медицина ќе можат многу да научат. Денеска добив одговор на тоа мое прашање. Тука студентите ќе можат да го постигнат финалниот производ и да станат успешни доктори – рече д-р- Савески.

Студентите добија важни совети и од д-р Јовица Угриновски, кој им порача да не се срамат да поставуваат прашања и да не се срамат да учат.

– Не се срамете да прашувате и не се срамете да учите. Ние сме тука како кадар подготвени да ви го пренесеме знаењето. Секогаш прашувајте за сè што ве интересира. Вие прашувајте, а ние ќе ви одговараме – рече д-р Угриновски.

Деканката на Универзитетот „Гоце Делчев“, Милка Здравковска, му се заблагодари на раководството на „Аџибадем Систина“ поради тоа што и во услови на пандемија, болницата им излегла пресрет на студентите.

– Многу ми е мило што во овие тешки услови со ковид-19 ние имаме можност да склучиме договор со „Аџибадем Систина“. Нашите студенти сега ќе можат да видат една различна патологија, одлична дијагностика, па и сè друго. Праксата ќе трае до крајот на мај следната година, сите студенти се анкетирани – рече Здравковска.

Поврзани содржини