А и Б-лига на тркалата на ЕУ   

Војната во Украина ги смени сфаќањата и ставовите околу начинот на функционирање и иднината на европскиот интегративен проект. Можностите за воспоставување политичка унија во цела Европа бараат и радикална преобразба на политичките институции на ЕУ, а со цел националните граници постепено да бидат релативизирани, и, всушност, да станат одвишни.

59

Европа е премногу бавна и има потреба од реформи – „for sure“ (сигурно, без сомнение), рече францускиот претседател Макрон неодамна во Давос. Но Европа е и „for sure“ предвидлива, лојална и се држи до правила на играта регулирани преку принципите на владеење на правото. Овие работи, според Макрон, денес се потценети.

Пред една година, потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, зборуваше на Минхенската безбедносна конференција, а оттогаш светот во многу нешта се промени. Тој рече дека заканата за Европа не доаѓа од Русија, туку од политичарите на европскиот континент. Венс тогаш исто така рече дека најсигурниот начин да се уништи демократијата е да се „отфрлат луѓето, да се отфрлат нивните загрижености, или, уште полошо, да се затворат медиумите, да се оспорат изборите или да се исклучат луѓето од политичкиот процес“.






Една година подоцна, на ова веројатно треба да се погледне и во контекстот на ветувањата на администрацијата на Трамп за тоа што сака да го направи на домашен терен, а не само и, пред сѐ, како предупредување до Европа. Во пресрет на годинашната безбедносна конференција во Минхен, американскиот државен секретар Рубио деновиве испрати порака за „свет што се менува“, нагласувајќи дека „стариот свет повеќе не постои“.

Но, како, всушност, можат да се толкуваат зборовите на Макрон. Бидејќи иако од неговите размислувања се исчитува јасна порака, изминатата година, за жал, покажа дека сигурноста повеќе не е нешто на што може да смета во западниот свет.

Разидувањата и несогласувањата меѓу најмоќните членки на ЕУ во последно време станаа сѐ позабележителни. Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц неделава пред ЕУ-самит во замокот „Алден Бизен“ во Белгија имаа ретко заедничко појавување пред камерите.

Шефовите на држави и влади на ЕУ се собраа на неформален самит за конкурентност, при што неколку лидери се заложиле за создавање претпоставки за донесување брзи одлуки за важни и суштински прашања, нагласувајќи дека се отворени за „движење напред со помали групи земји“, доколку сите 27 ЕУ-членки не се согласат. Како што беше оценето, станува збор за барања за итна акција, а не за дебата за долгорочни визии.

За време на утринските интервјуа при пристигнувањето, неколку лидери ја отвориле и темата за „Европа со две брзини“ – идеја што постои најмалку 15 години, која подразбира дека некои земји од ЕУ би напредувале во интегративната соработка, без притоа сите да мора да бидат вклучени.

Макрон јасно ставил до знаење дека постои подготвеност да се користи методот „продлабочена соработка“ за да се забрза темпото. Поддршка за таков пристап дава и данската премиерка Мете Фредериксен, која претходно беше скептична кон поделби во рамки на Унијата. Нејзината промена на мислењето се темели на фрустрацијата дека одделни земји ги блокираат заедничките одлуки. „Да ме прашавте за тоа пред 15 години, ќе речев не. Денес велам да“, вели таа.

Во рамките на ЕУ отсекогаш било актуелно, а поради последиците од финансиската и мигрантската криза во изминатите децении, сè поотворено се зборува за различните брзини за А и Б-лигата. Вреди да се потсетиме дека Макрон пред неколку години истапи со мислење дека не беше дојдено времето за прием во членството на ЕУ на државите од Западен Балкан, барем додека не се продолабочат интеграцијата и реформите во Унијата.

Макрон, поаѓајќи од оценката дека федералистичките стремежи се одвивале споро, тврдеше дека иднината на ЕУ е во зголемување на централизацијата. И токму тука повторно се актуелизира прашањето на идниот карактер и динамика на интегративните процеси, бидејќи ако таа линија се оствари тогаш би можело да биде неопходно да им се дозволи на земјите-членки да продолжат со различни брзини.

Еден друг истакнат француски политичар, Жак Делор, поранешен претседател на Европската комисја, во 1990-тите години ја лансираше својата позната т.н. „велосипед-теорија“, односно дека европскиот проект, токму како и велосипед, мора да се движи напред за да не изгуби рамнотежа и да падне. Но во услови кога повеќе земји-членки ниту сакаат, ниту пак можат да се движат во насока кон повеќе „наддржавност“, движењето напред станува можно само доколку група земји од јадрото на ЕУ покажат готовност да ја продолжат интеграцијата и да ги остават другите да заостануваат. Со надеж дека нема да останат премногу назад, и дека сепак ќе бидат повлечени на некој начин.

Војната во Украина ги смени сфаќањата и ставовите околу начинот на функционирање и иднината на европскиот интегративен проект. Можностите за воспоставување политичка унија во цела Европа бараат и радикална преобразба на политичките институции на ЕУ, а со цел националните граници постепено да бидат релативизирани, и, всушност, да станат одвишни. Но таквите надежи и заложби засега остануваат само во сферата на посакувани желби. Според направените сондажи пред извесно време, идејата за „Соединети Европски Држави“ добива поддршка од најмногу 30 проценти во Германија, а во скандинавските земји не повеќе од 12-13 проценти.

Многумина сметаат дека европската политика се наоѓа пред елементарна „културна борба“, или е соочена со состојба што германската професорка и публицист, Улрике Гуеро, ја изразува во насловот на својата книга што предизвика големо внимание, „Новата граѓанска војна“. Повеќе нема место за нови половични мерки. Европа мора да избере страна – меѓу оние кои се залагаат за јакнење на еднаквоста и либералните слободи и права, од една, и оние кои сакаат да ги бранат традиционалните вредности и колективните идентитети, од друга страна. Со цел да се запре реакционерниот пробив, мора да се премине решително во противнапад, при што, идеалот, смета Гуеро, треба да биде: „Еден пазар – една валута – една демократија!“ Таа е убедена дека постои голем мајоритет меѓу денешните Европејци за да се оствари една политичка унија во Европа – но дека тоа, во таков случај, мора да се спроведе во цела Европа, без поделби на А и Б-лиги.

А можеби, – патем речено, евентуално да се додаде – и со постоење на една трета лига, со која на рабовите на проектот за изградба на заеднички европски дом, се чини, се идентификува и Балканот.

Во секој случај, метафората за велосипедот на ЕУ и рамнотежата на неговите тркала сè уште важи. Но, забрзаното возење на велосипедот само по себе нема да помогне, доколку патот е погрешно избран.

Поврзани содржини