АЈДЕ НА БРЗИ ИЗБОРИ Мицкоски бара стабилна влада која ќе се соочи со кризите што идат
Разликата на советничките листи во првиот круг од изборите споредено со СДСМ е повеќе од 55.000 гласови, доколку се земат првиот и вториот круг во предвид разликите со кои ВМРО-ДПМНЕ победи тогаш доаѓаме до 110.000 гласови разлика, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска повика на брзи парламентарни избори, затоа што, како што рече, е потребна стабилна влада за надминување на кризите со кои ќе се соочиме.
– Во име на народот кој ни даде поддршка, а со цел успешно справување со кризните времиња и заштита на интересите на народот барам веднаш брзи предвремени парламентарни избори. Ајде на избори заедно, уште еднаш да се избориме за иднината во која веруваме, за промените кои мора да бидат целосни. Со чист образ за енергијата која е потребна за обнова на Македонија во која веруваме – повика Мицкоски денеска на прес конференција.
Брзите избори, додаде тој, ќе треба да обезбедат влада која ќе спроведува политики кои ќе решаваат проблеми и ќе ја донесат новата иднина, како и нова влада која ќе треба да ги релаксира и односите во општеството и ќе стави крај на поделбите и конфликтите, на омразата која што е во функција на заштита на криминалот.
Лидерот на опозицијата нагласи дека неспорен факт е дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се апсолутен победник на локалните избори.
– Победивме во 42 општини, плус градот Скопје, ако се има во предвид дека во Маврово Ростуше водевме, но таму не успеаја изборите поради цензусот, тогаш се 43 општини плус градот Скопје. Разликата на советничките листи во првиот круг од изборите споредено со СДСМ е повеќе од 55.000 гласови, доколку се земат првиот и вториот круг во предвид разликите со кои ВМРО-ДПМНЕ победи тогаш доаѓаме до 110.000 гласови разлика – рече Мицкоски.
Тој повтори дека владата е целосно делегитимирана и нејзините политики го немаат веќе кредибилитетот кај народот и рече дека бројките кои ги изнел ги разбира како огромна обврска да не ги изневери граѓаните, но и да продолжи по патот на промени.
– Прашањето кое легитимно се поставува е дали ќе има ново парламентарно мнозинство и без избори да се формира нова влада, или пак нови избори за влада со нов кредибилитет која ќе одговара на фактичната реалност. Пред да дадам одговор на овие две прашања, ново мнозинство или избори, потребно е да се има предвид дека Македонија ја очекуваат кризни времиња каде стабилизирањето на институциите е од клучно значење – рече тој, осврнувајќи се на загрижувачката состојба во енергетиката.
– Ни следува ценовен енергетски шок, каде прашањето не е дали, туку колку ќе поскапи цената на струјата? Поскапувањето на цената на струјата ќе значи и ценовен шок кој ќе се прелее и врз останатите производи, а сето ова ќе значи зголемена инфлација, намален стандард и зголемена сиромаштија. Покрај тоа морам да предупредам дека се можни и рестрикции на струјата – рече Мицкоски.
Тој истакна дека очекува засилување на последиците од коронавирусот, дека интеграциите кон Европската Унија се во целосен застој, како и дека економијата влегува во сериозни и нестабилни води.
– Ова се најмалку 4 причини кои говорат дека се потребни крупни одлуки кои мора да се носат во овој период. Народот јасно кажа дека не верува во тоа дека оваа влада може да се справи со овие последици, со тоа не само што легитимитетот е доведен во прашање туку и под прашање е мотивацијата на оваа влада да се справи со овие проблеми. Затоа сметам дека првата опција – формирање ново парламентарно мнозинство нема да даде нова енергија потребна за реформите, дека тоа само ќе нѐ внесе во нови разговори, преговори, понуди и слично, кои ќе го разводенат капацитетот за управување на институциите и ќе се креира погрешна слика која нема да ја пресликува волјата на народот изразена на изборите кои што туку завршија. Затоа, во овој момент најдобро решение за Македонија е без одлагање брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат цврста и стабилна влада за решавање на актуелните проблеми и вадење на Македонија од кризата во која оваа корумпирана влада ја втурна – нагласи Мицкоски.
Според него, изборите се светлото од крајот на тунелот и патот до промените кои само тогаш ќе бидат целосни.