Ајде да зборуваме за федерација, зошто да не?!

Во колумна во „Слободен печат“, со истиов наслов, во 2015 година, ги коментирав обновените идеи за федерализација на Македонија. Денес, кога темата одново ја актуелизираат некои политичари Албанци, на Фејсбук тој мој текст се пренесува и се коментира во верзијата спинувана од тогашните пропагандисти на Груевски. „Героски бара федерализација“, врескаа тогаш. Некои врескаат и сега. Нека врескаат. Од збор до збор го преобјавувам тој мој текст, во кој и денес не би сменил ниту една запирка.

7,472

РЕПРИНТ („Слободен печат“, 8 ноември 2015 година):

Деновиве со внимание ги проследив мислењата на повеќе наши аналитичари за една стара тема, ставена „во бункер“ некаде во 2007-2008 година, кога по долго и мачно стројникување, Никола Груевски и Али Ахмети стапија во политички брак и почнаа да ги бројат своите „остварувања“ и „успеси“ во имплементацијата на Охридскиот договор. Работниот наслов на таа тема е „федерализација на Македонија“.






Деновиве повторно е во етерот, како директна закана што доаѓа од политичките кујни што гравитираат кон Мала Речица, закана во случај да дошло до натамошно продлабочување на политичката криза. Засега е нејасно дали четата на Ахмети ги мотивира овие пораки, но интересно е дека политичкиот бегалец Гзим Острени, поранешниот офицер на ЈНА кој секогаш успева да освои симпатии меѓу Македонците, јавно ја поддржа идејата за создавање собрание на општините од северозападна Македонија, по примерот на Заедницата на српските општини на Косово. Острени тврди дека не станува збор за федерализација на Македонија, туку за збогатување на системот на локалната самоуправа. Со други зборови, ако добро разбирам, идејата е едно вакво тело да послужи како инка што ќе ја собере и насочи енергијата што утре би можела да шикне во млаз од нови, поамбициозни, па дури и максималистички барања за поделба на земјата.

Да бидам искрен, изненаден сум од хорските анализи дека станува збор само за политички маркетинг на албанската партија на власт (ДУИ), со намера да се покријат неуспесите и да се отвори старо-нова, атрактивна предизборна тема, за лов на гласовите на разочараните Албанци. Не ми се допаѓа и пристапот на Острени, иако не спорам дека можеби е последица на добри намери. Мојата дијагноза за обновувањето на таа наша стара траума е малку поинаква. Имено, тврдам дека прашањето за обликот на уредувањето на заедничката држава не е целосно исцрпено со Охридскиот договор и со Уставот и дека сосема е можно во периодот што претстои идеите за федерално уредување да се наметнат како многу сериозен предизвик за сите.

Знам дека ова звучи безмалку како ерес, но тоа е поради погрешното мислење дека Охридскиот договор одлучно и темелно го затвора тоа крупно прашање, кое беше актуелно во првата деценија од македонската самостојност и поради кое во почетокот на втората деценија се водеше неколкумесечна валкана војна. Треба да се има на ум фактот дека документот потпишан во Охрид, по своето настанување и по својата природа, всушност, е мировен договор, со амбиција да оконча еден потенцијално девастирачки конфликт, на тој начин што решава неколку прашања поврзани со македонската конституција и скицира, приближно прецизно, неколку новели во Уставот. Од тој аспект, Охридскиот договор беше успешно остварување – конститутивниот акт беше променет, нациите добија нова дефиниција (етнички заедници), се прогласи билингвална федерација (иако не со тоа име, се разбира), се вети правичност во распределбата на заедничкото „богатство“ и слично. А војната заврши.

За жал, македонските политичари никако да разберат дека политичките договори имаат слово, но имаат и дух што треба да се следи. Духот на Охридскиот договор е спасување на унитарниот карактер на државата, со проширени права на албанската етничка заедница, до степен на една, во документот недооформена дефиниција на Македонија како билингвална федерација. За споредба, духот на двата договора од тоа несреќно и актуелно Пржино, на пример, се дијагнозите и императивите од извештајот за Прибе. Но, велам, нашите политичари никогаш не сакаат да размислуваат за „филозофијата“ на договореното. Тие се клоцаат под маса кога ги потпишуваат договорите, потоа ги толкуваат како кому му одговара и одново преговараат за она што еднаш веќе е договорено. Патем речено, таа техника до совршенство ја доведе политичкиот „геније из Кеније“ Никола Груевски.

Мора да се соочиме со фактот дека за неколку крупни прашања од Охридскиот договор постојат различни, дури и спротивставени политички толкувања. Обемот на јазичните права на малцинската етничка заедница и изгледот на нашата билингвална федерација е едно од тие прашања. Не е затворено и прашањето на правичната алокација на јавните добра и ресурси, на пример. Иако од 2007 година до денес ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ постигнаа фрапантни резултати во вработувањето на своите партиски војски во јавната администрација, денес, кога тоа заедничко „богатство“ веќе е подистрошено, а гладни усти со партиски книшки колку да сакаш, станува јасно дека работата е утната. Еден од тажните докази за тоа е и светската метропола на загаденоста, Тетово, град во кој чиновничките канцеларии веројатно се исто толку натрупани како и во Скопје, но луѓето дишат опасно загаден воздух и се мачат со рестрикции на водата за пиење. Меѓу другото и затоа што Тетово од „централата“ не го добива она што вистински го заслужува.

Отворените прашања се причината поради која историската дилема на Албанците и на Македонците дали е подобро да живеат заедно, во унитарна држава, или сепак да се поделат во федерални единици, иако се чини застарена, сепак има своја изворна и сè уште неисцрпена енергија. Таа има потенцијал во погоден момент да предизвика опасни инфламации на политичкиот организам, кои не се лекуваат со симптоматска терапија.

Во исходишната точка на оваа моја ризична теза, сакам отворено да се заложам храбро да отвориме дебата за оваа тема. Не утре, кога тоа може да предизвика опасни последици, туку сега. Не во ракавици. Не со маскирање на траумите. Не со заметување на проблемите под тепих. Предлагам отворено да разговараме за сите аспекти на таа наша историска дилема, којашто еруптираше некаде во 1991-1992 година, кога Албанците гласаа за политичка и територијална автономија во Македонија, а потоа магмата од тој отворен вулкан се изли во 2001 година и направи пустош.

Не знам баш колку сме способни за ова да разговараме без панични и емотивни реакции и со студени глави. Но, ако сепак успееме во тоа, неизбежно ќе биде дебатата да почне со две крупни потпрашања.

Дали создавањето федерација на еден мал и економски релативно интегриран простор е во духот на интеграциите, кои не се само македонски (национален?) императив, туку феномен што ја трасира европската иднина на целиот регион. Или, поинаку кажано, како ќе претендира Македонија на предностите на интегрирањето во Европската Унија - една од тие предности е огромниот европски пазар - кога внатрешно ќе се дели на федерални единици?

Првото е дали создавањето федерација на еден мал и економски релативно интегриран простор е во духот на интеграциите, кои не се само македонски (национален?) императив, туку феномен што ја трасира европската иднина на целиот регион. Или, поинаку кажано, како ќе претендира Македонија на предностите на интегрирањето во Европската Унија (една од тие предности е огромниот европски пазар), кога внатрешно ќе се дели на федерални единици?

Второто потпрашање е одржливоста и исплатливоста на проектот федерација. Нека простат „федералистите“, ама нема да можеме чесно да се поделиме, да формираме кантони или покраини, да избираме локални парламенти, сенати и влади, да наметнеме различни прописи и правила на игра во федералните единици, да имаме посебни полиции, судови, факултети, болници, државни телевизии и што ли уште не, да најдеме мунасип како да ги делиме рудните богатства, струјата, водите и другите ресурси, а да речеме – ние само за парламенти и за влади ќе се секираме, сето друго Скопје ќе го плати!

Граѓаните и сега прескапо ја плаќаат „правичната застапеност во јавната администрација“, на пример. Сите сакаме да бидеме „индијанци“, нели, да клатиме врати во резерватите на државната администрација и да земаме пристојни плати (некаде деновиве прочитав оглас – подмачкувач во ЈП Водовод и канализација, 18.000 денари месечно!), но кој ќе го плати тоа? И денес, кога сме заедно, тоа е сè потешко. А утре? Кој ќе плаќа две администрации? И двајца подмачкувачи. Со кои пари? Со позајмените милијарди од странските банки? Со парите позајмени од нашите деца и неродените внуци и правнуци?

Не сакам да ги банализирам нештата, но одржливоста на идната федерација е важно прашање за кое мораме да разговараме. Има и други такви важни прашања. А имаме право на одговори. За жал, одговори не можеме да очекуваме од политичките лидери. Јас денес не гледам политичар Албанец што јавно ќе признае дека концептот „федерација“ е непотребен и неодржлив. Но, не гледам и политичар Македонец што ќе се согласи да разговара за ова прашање, без да ја повторува мантрата дека Македонија е унитарна држава затоа што така пишува во Уставот. За нашите политичари овој терен е стакларник во кој тие се движат како слонови.

Нејсе, си се лажам така со мислата дека во земјава сè уште има добри, способни и умни луѓе, свесни за тоа дека таму некаде, во изгасеното огниште, има жарчиња што тлеат и чекаат малку кислород за да се распламтат. Тие луѓе мора да дебатираат, луѓето свесни за таа опасност и спремни овој пат на огнот да не му дадат никаква шанса.

 

Поврзани содржини