Ајде да се мразиме!
Дали овде се манифестира необјаснива омраза само за една „категорија“ луѓе, за една „групација“ – или, ако сакате, една партија и нејзините членови и симпатизери – кои априори се прогласени за виновни за сѐ лошо што се случува(ло) во државава? А она друго „мнозинство“ коешто, патем, не брои ни 10% од граѓаните на оваа држава, има право да ги чести со најсилна омраза, со пцовки и навреди сите други кои не мислат како нив?
Се разбира, сите не можеме – не треба – да мислиме исто. Инаку, на што би личел светов. И не можеме, не треба да сакаме или мразиме исто. Зашто, повторно: сите би личеле еден на друг до непрепознатливост, а светов би бил едно многу здодевно место! Но кога не можете да разберете нечија омраза, чиста омраза, кога не можете да ги најдете или да се снајдете во причините за истата, кога читате, па речиси почнувате и да ја чувствувате необјаснивата, безразложната и многу често пакостната туѓа омраза кон нешто/некого, тогаш – што?
Не можете баш сѐ, особено не таа омраза, да ја објасните рационално, па ни со „идеолошка“ заслепеност. Неа – идеолошката заслепеност, заблуденост, примитивизам… – можеби ја има во некои гранични ситуации, како војната на пример, но ние сепак не живееме во такво време. Тогаш, од каде извира? Кои се и какви се мотивите, причините за таквата радикална омраза кон другиот, па нека е и политичкиот противник односно човек кој поинаку мисли и говори, па дури и често постапува спротивно на некоја и од некого зацртана „идеолошка“ линија?
И повторно: мора ли сите да мислиме исто? Мора ли сите да се воодушевуваме баш од нивните избраници и да ги гледаме како најдобри, најквалитетни, најсоодветни…? И за што би биле тие најдобри и најсоодветни? Па нели ги видовме колку можат, знаат, и умеат? Малку ли им беа седум години? Уште колку треба да им дадеме? И зошто баш кон нив треба да покажеме граѓанска милост, да ги галиме и возвишуваме и кога, да простите, ни се с…т врз глава?!
Или, кога веќе нѐ мразат заради една дотична „госпоѓа“ која ние, бедниците, не сме ја заслужиле, а заради која, ете, „Поминувале векови, се леела топла, густа крв (…)“, како треба ние да се однесуваме? Покорно, со сведнати глави, со солзи во очите…? Но, ги мразат ли еднакво и оние „неранимајковци“ од Стразбур кои поставуваат незгодни прашања за обвиненијата што таквите како таа ги подготвуваа, или ги мразат ли исто и оние овде кои конечно се осмелија да кажат збор-два за она „специјално“ време? Ги мразат, сигурно, можеби и повеќе отколку нас. И се обидуваат со сите сили да нѐ убедат дека нивните со слава овенчани криминалци паднале „на една прилично наивна коруптивна афера“!
Но зошто не ги мразат оние кои, на пример, лиферувале незаконски прибавени „докази“ и оние кои овозможувале врз основа на тоа луѓе да бидат осудувани и да им биде одземан имот; или оние кои отуѓувале државно земјиште за фирмата на сопругата на еден нивен премиер за мизерна цена од 70 денари за м2.; или оние кои склучуваа онакви понижувачки меѓудржавни договори со соседни земји каде ние се плукавме себеси; или оние кои одобрувале изградба на модуларни болници што горат за 10 минути, или…? Зошто не ги мразат нив туку (нѐ) мразат – во нивно име?
И навистина ли е во Македонија толку омразен грев изразената потреба од една власт да купи службен авион, за истата да биде така колната („Возете се и клацкајте се низ кантите и крнтиите од градски и меѓународни автобуси“)? Или, можно ли е таа и толкава омраза („шетајте го светот на начинот на кој мнозинството во оваа земја секојдневно е понижувано и газено“) да никнала кај луѓево само за оваа година и половина и зарем претходно „мнозинството“ беше толку уважувано и почитувано од претходната власт што нѐ возеа во „мерцедеси“ и „шевролети“?
Или овде се манифестира необјаснива омраза само за една „категорија“ луѓе, за една „групација“ – или, ако сакате, една партија и нејзините членови и симпатизери – кои априори се прогласени за виновни за сѐ лошо што се случува(ло) во државава? А она друго „мнозинство“ коешто, патем, не брои ни 10% од граѓаните на оваа држава, има право да ги чести со најсилна омраза, со пцовки и навреди сите други кои не мислат како нив? И да се самопрогласува за најзаслужна, дури државотворна секта со главна улога во македонската современа приказна додека сите други биле само бедни статисти, често и непријателски расположени?
Иако одамна е јасно дека не е само „госпоѓата“ во прашање, уште помалку авионот или „кантите и крнтиите“ на јавното сообраќајно претпријатие. Проблем е целиот нивен светоглед, „систем“ во распаѓање, сите оние криминално-коруптивни опашки што се влечат зад нив, оние седум години тотална неспособност и самобендисаност… Личниот, сопствениот гнев и некадарност ги пресликуваат во грда омраза врз другиот!
И дали нивната омраза толку влијае врз нивната меморија што ја паметат само амнестијата од тогашниот претседател Иванов, но не и амнестијата (или аболицијата, како сакате) на нивниот „лидер“ од страна на Црвенковски? Или дали навистина во тие нивни сеќавања си врежале слики дека до вчера не сме знаеле како да ја потрошиме правдата и демократијата на нивните, а денес не можеме да ги видиме црнилата на другите? Па белки не се баш толку…?!
Но – се, дури и повеќе од тоа. Блика од нив необјаснива омраза како замена за секоја друга емоција. Ако воопшто ја имаат. Умеат, сакаат да ја оправдаат дури и уцената преку „мувата на капата“. Каков простотилак, каква беда!
Некој со право ќе рече: прескокнете го тоа, не читајте/не слушајте провинциски примитивни хејтери кои не умеат ни себеси да се објаснат, не пак да ја образложат својата омраза кон некого/нешто. Друг можеби ќе рече: таквите луѓе го мразат целиот свет, тивко, безразложно…, но дури ако им дадете јавен простор ќе ги согледате димензиите на нивната бескрајна, ужасна омраза. Но повторно нема да ја разберете – ни омразата, ниту пак причината!
А токму тој вид омраза стана наше секојдневие и нивен заштитен знак, „тема“ или дискурс што неразбирливо упорно го поттикнуваат одредени јавни простори на зборот и сликата, и секогаш наоѓаат соодветни типични претставници за тоа. Ја претворија земјава во хејтерска држава, во клиентелистичка мегафонска емисија што трае 24 часа на ден, со ред колумни, ред партиски соопштенија, па повторно ред „анализи“… и така до бесвест. Тие не би демократија „како кафе без кофеин, како цигари без никотин, како џин-тоник без џин…“. Тие би кафе со „бело“, цигари со канабис, џин-тоник без тоник…, власт без избори, диктат наместо дебата, партиски институции, содржина без смисла и форма…!
Тие би да ни кажат што и кого сме „заслужиле да имаме“, што смееме а што не смееме да мислиме, кој е кој и што е што во земјава…, кого да следиме и поддржуваме, тие би да му кажат на мнозинството и за кого да гласа…!
И игнорирањето тука не помага. Тоа само би ја засилило омразата како инструмент на потенцијална доминација преку мислата дека „другата страна“ се плаши, не смее да се спротивстави… Тоа е состојба еднаква на силеџиството односно bullyng-от, каде силеџијата си го храни егото од неспротивставувањето! Ниту пак е ефикасно пледирањето на некаква култура, воспитување, цивилизираност, демократичност… Такви зборови не постојат во нивниот речник, уште помалку во нивниот хабитус! Затоа, вистинските демократии не само што го озакониле таканаречениот „говор на омраза“ (hate speech) туку радикално го применуваат. Кон сите. Особено кон ваквите „јавни“ хејтери! И тоа мора да биде иден итен македонски демократски „safe speech“ проект, сличен на овој „safe city“ којшто очигледно дава одлични резултати!
Извор: Теодосиевски уметност