6 месеци доцни изградбата на 16 ковид-центри, сега пратениците ќе решаваат дали за нив ќе се задолжиме во Светска банка
На овој кредит се чека неколку месеци бидејќи поранешната дополнителна заменичка-министер во Министерството за финансии, Гордана Димитриевска-Кочовска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада не стави потпис на Уредбата за заемот подготвена од Министерството за финансии за време на вонредната состојба.
Изградбата на ковид-центри во 16 општини во земјава како и помошта за социјалните категории граѓани кои требаше да се финансираат од кредитот во износ од 90 милиони евра на Светска банка ќе почекаат бидејќи државата сѐ уште не може да ги користи парите поради незавршени домашни процедури и партиски надмудрувања почнати од април годинава во рамки на техничката влада, иако Светска банка веќе го одобри кредитот.
Сега кредитот е во рацете на пратениците кои треба да одлучат дали тој ќе се реализира.
Од Министерството за финансии за Плусинфо изјавија дека Законот за задолжување кај Светска банка е подготвен и доставен до Собранието и се очекува набрзо да се најде пред пратениците.
– По неговото донесување и објавување во Службен весник ќе можат да се реализираат планираните проекти кои чекаат од април годинава – велат оттаму.
Заемот со Светска банка Министерството за финасии го преговараше во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со Министерството за здравство, кои треба да ги користат средствата за справување со пандемијата со ковид-19.
На овој кредит се чека неколку месеци бидејќи поранешната дополнителна заменичка-министер во Министерството за финансии, Гордана Димитриевска-Кочовска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада не стави потпис на Уредбата за заемот подготвена од Министерството за финансии за време на вонредната состојба.
Димитриевска-Кочовска тогаш образложи дека побарала, но не добила јасни калкулации за сите ставки кои ќе бидат финансирани од кредитот.
– Кредитот од СБ е строго наменски кредит и треба да има јасни калкулации зад сите ставки, кои ќе бидат финансирани. До овој момент, документите кои ми се дадени не вклучуваат јасни и детални калкулации. До мене не се доставени потребни податоци од кои ќе се увиди начинот на кој се дошло до процена на бараниот износ. Сметам дека секој одговорен професионалец пред да стави потпис на било кој документ мора да знае што потпишува и има право и должност да бара податоци, дотолку повеќе што во случајов се работи за заем од 90 милиони евра, средства кои треба да бидат вратени во иднина и тоа со соодветна камата како и секој заем – изјави таа.
Од техничката влада тогаш убедуваа дека заемот е наменет за зајакнување на капацитетите на здравството за справување со ковид-19, за набавка на медицинска опрема, за финансирање на придонесите за здравствено осигурување за невработените и за ранливите групи, за финансирање на привремената поддршка за невработените со обезбедување паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места во кризата, за привремената социјална помош на посиромашните граѓани кои пред кризата не ги исполнувале условите, како и за поддршка за работниците што биле одјавени од нивните работодавачи и кои добиваат надоместоците од осигурување во случај на невработеност.
Еден од проектите кој треба да се финансира од овие пари е и поставувањето на модуларни ковид-центри во 16 општини. Проектот доцни иако земјава веќе е влезена во есенскиот бран на ковидкризата.
– Постапките за изградба на објекти во 16 општини се целосно завршени и се испратени до Светска банка која понатаму ги спроведува постапките за изградба на болниците и буџетот кој доаѓа од кај нив. Се поставуваат 19 објекти во 16 општини. Три објекти во Битола, согласно нивните барања и уште еден објект во Институтот за белодробни заболувања кај децата, Козле – Скопје (кој е ковид центар за деца во овој момент), и во градовите: Дебар, Гевгелија, Ресен, Куманово, Кавадарци, Струмица, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Тетово, Прилеп, Велес, Штип и Кичево. Со ова, болниците би добиле модуларни мини инфективни одделенија каде целосно ќе се издвојат пациентите со ковид симптоматологија од останатите пациенти кои ќе можат да ја добијат потребната здравствена услуга, а да не се креираат листи на чекање. Исто така, ќе се инсталираат апарати за дијагностика во сите овие центри за брза дијагноза на вирусот – велат од Здравство.
Дали овие центри ќе бидат изградени и колку од социјалните проекти ќе можат да се реализираат во наредниот период ќе зависи од пратениците кои ќе треба да дадат согласност земјава да се задолжи со 90 милиони евра кај Светска банка. Од одлуката на пратениците ќе зависи и натамошната соработка за почнати проекти кои се финансираат со пари од Светска банка.