ЛЕКАРИТЕ БАРААТ ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО ДА БИДЕ ЗАДОЛЖИТЕЛНО ВО СИТЕ ЗДРАВСТВЕНИ УСТАНОВИ Последниот инцидент со Итната помош им ја прелеа чашата
Здружението на лекари бара ова прашање конечно да се третира како приоритет, а не да се отвора само по секој нов инцидент.
Здружението на лекари специјализанти најостро го осудува нападот врз екипата на Брзата помош кој се случи во саботата и бара системско решение за заштита на здравствените работници.
„Повторно сме сведоци дека здравствените работници, кои секојдневно се грижат за животот и здравјето на граѓаните, се изложени на физички напади, закани и насилство додека ги извршуваат своите професионални обврски. Ниту едно незадоволство од здравствената услуга, ниту едно недоразбирање не може да биде оправдување за насилство врз медицински персонал. Затоа, јавно го повикуваме Министерството за здравство да иницира законско решение со кое физичкото обезбедување ќе стане задолжително во сите здравствени установи во државата“ – се вели во соопштението на Здружението.
Здружението бара ова прашање конечно да се третира како приоритет, а не да се отвора само по секој нов инцидент.
„Потребни се конкретни законски механизми за заштита на здравствените работници, јасно дефинирани обврски за здравствените установи и соодветни услови за безбедно извршување на здравствената дејност.
Прашуваме дали треба да чекаме некој здравствен работник да биде сериозно повреден за безбедноста на медицинскиот персонал конечно да стане институционален приоритет? Здравствените работници не смеат да бидат оставени сами да се справуваат со насилството. Безбедноста на оние што се грижат за нашето здравје не смее да биде привилегија, туку загарантиран услов за работа. Здружението на лекари специјализанти бара итна институционална реакција и конкретни чекори за законско регулирање на ова прашање, се додава во реакцијата“ – се вели во соопштението.
Министерот за здравство Сашо Клековски, реагирајќи на инцидентот со објава на Фејсбук, потсети дека нападот врз здравствен работник е кривично дело и не може да биде оправдан со никакво недоразбирање или нервоза.
Клековски го осуди насилството и потсети дека Законот за здравствената заштита предвидува затворска казна до три години за напад и закана врз здравствен работник, од шест месеци до пет години доколку има телесна повреда, а од една до десет години затвор за тешка телесна повреда. Едно лице веќе е приведено, а тој очекува МВР и обвинителството целосно да го документираат случајот.
Клековски најави дека Министерството ќе разговара со здравствените установи и синдикатите за конкретни мерки за поголема безбедност на екипите на Итната медицинска помош, кои често работат сами и во особено тешки околности.
„Нема здравствен систем без нивна заштита“, порача Клековски, посакувајќи им брзо закрепнување на нападнатите здравствени работници.