МАКРОН СО УСТАВ ЌЕ ГО ОГРАНИЧУВА БУЏЕТСКИОТ ДЕФИЦИТ Противниците сметаат дека предлогот му ги врзува рацете на наредниот претседател
Се разгледува воведување таканареченото „златно правило“ кое подразбира фискална политика според која државата може да се задолжува исклучиво за целите на финансирање на инвестиции.
Францускиот претседател Емануел Макрон планира да воведе строги правила за буџетскиот дефицит во Уставот пред да му истече мандатот во мај.
Негов советник потврди дека се разгледува воведување таканареченото „златно правило“. Целта е да се демонстрира способноста на државата да одржува стабилни јавни финансии на долг рок.
Францускиот јавен долг достигна речиси 3,6 трилиони евра, што претставува 119% од бруто домашниот производ (БДП). Буџетскиот дефицит за оваа година се проценува на 5,4 % од БДП.
Противниците на Макрон, како и некои сојузници, се сомневаат во мотивите зад овој потег.
„Фактот дека Емануел Макрон го чекаше својот 10-ти буџет со огромен дефицит за дури и да ја разгледа идејата, многу зборува за претседателот кој одлучи да ги заклучи државните каси дури откако ќе ги испразни“, напиша конзервативниот кандидат Бруно Ретахо на социјалната мрежа X.
Советник на пратеник од партијата на Макрон коментираше:
„Како да вели: Водев политика што создаде дефицити, а сега сакам да го принудам мојот наследник да следи правило што самиот не го прифатив“.
Неформален советник, кој е во редовен контакт со Макрон, верува дека со овој потег, францускиот претседател сака да ги предизвика претседателските кандидати кои самите предложија уставни ограничувања за јавната потрошувачка. Меѓу нив се лидерката на десницата Марин Ле Пен и поранешниот премиер на централно-десничарската партија Едуар Филип. Макрон, тврди советникот, сака да ги принуди да се изјаснат за предлогот за време на евентуално гласање.
Моделот за овој предлог, објасни советник од Елисејската палата, би бил мерка од 2011 година што никогаш не стапила во сила. Таа би ги обврзала владите да дефинираат тригодишен план за намалување на дефицитот, што се разликува од класичното разбирање на „златното правило“.
Тоа правило подразбира фискална политика според која државата може да се задолжува исклучиво за целите на финансирање на инвестиции. Сепак, во француската јавност, терминот често се користи за какви било уставни ограничувања на дефицитот, како оние во Германија и Италија.
Уставните реформи во Франција се спроведуваат преку референдум или гласање во парламентот, за што е потребно мнозинство од три петтини во двата дома.
Поранешен парламентарен соработник, кој сè уште се занимава со парламентарните процедури, проценува дека предлогот би можел да биде усвоен.
Според неговата анализа, предлогот би можел да добие околу дваесет гласови повеќе од потребниот број ако биде поддржан од сите центристи и конзервативци, а пратениците на Националното собрание, Марин Ле Пен, се воздржат.