ПРЕВЛАКА Е МЕЃУ НАЈТЕШКИТЕ ПРАШАЊА ЗА ЗАГРЕБ И ЗА ПОДГОРИЦА Хрватска го блокираше поглавјето за енергетика

Хрватска бара формално признавање на поранешната меѓурепубличка копнена граница кај полустровот, согласно заклучоците на Бадинтеровата комисија. Утврдувањето е важно за пловидбата, но и за истражувањето и за евентуалното искористување на нафта и на гас во подморјето.

2

Сопственоста на воениот едреник брод „Јадран“ и разграничувањето кај полуостровот Превлака се издвојуваат меѓу најсложените спорови меѓу Хрватска и Црна Гора на патот на Подгорица кон Европската Унија. Првиот спор е поврзан со распределбата на воениот имот на поранешна Југославија, додека вториот има територијално, економско и стратешко значење.

Хрватска во средината на октомври достави официјален документ до членките на ЕУ со 8 барања поврзани со затворањето на преговарачките поглавја 23 и 31. Црна Гора досега исполнила 2 од нив.






Спорот дополнително се продлабочи минатата недела, кога Загреб го блокираше затворањето на поглавјето 15, кое се однесува на енергетиката. Според црногорскиот весник „Вијести“, една од можните причини е спорот околу истражувањето на нафта и на гас во подморјето поради неутврдената морска граница. Хрватска го блокира и затворањето на поглавјата за транспортната и за надворешната политика.

Министерот за надворешни работи на Црна Гора Ервин Ибрахимовиќ на 20 ноември порача дека Подгорица нема да отстапи од своите територијални интереси заради членството во ЕУ. Црна Гора испратила дипломатска нота до Загреб со предлог за обновување на преговорите за копнената и за морската граница.

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, пак, порача дека нема да има отстапки во однос на барањата на Загреб.

Црна Гора досега затвори 25 од вкупно 33 преговарачки поглавја, со амбиција да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година и да стане членка на ЕУ во 2028 година.

Сепак, според новиот механизам за кој се преговара во Брисел, Црна Гора би можела привремено да го изгуби правото на глас во ЕУ во првите 10 години од членството, доколку сериозно го наруши владеењето на правото или ги попречува одлуките на Унијата.

Стратешкото значење на Превлака

Полуостровот Превлака се наоѓа на влезот во заливот Бока Которска, што му дава посебно стратешко значење. На тоа подрачје од 2002 година важи привремен граничен режим.

Хрватска бара формално признавање на поранешната меѓурепубличка копнена граница, согласно заклучоците на Бадинтеровата комисија.

Утврдувањето на морската граница е важно за пловидбата, но и за истражувањето и за евентуалното искористување на нафта и на гас во подморјето.

Министерката за европски прашања на Црна Гора Маида Горчевиќ изјави дека Подгорица е подготвена да го изнесе спорот пред меѓународен суд доколку двете земји не постигнат билатерален договор.

Загреб инсистира прво да се потпише договор за копнената граница, додека морското разграничување би се решавало подоцна. Подгорица сака паралелно решавање на двете прашања.

Хрватска исто така бара враќање на едреникот „Јадран“, кој пред 1991 година бил стациониран во Сплит.

Бродот има посебно симболично, историско и воено значење за Хрватска, додека спорот го отвора прашањето за распределбата на воениот имот на поранешна Југославија.

На него питомците се обучуваат за навигација, управување со едра, поморски вештини и живот на море.

Почетокот на војната го затекнал бродот на ремонт во Црна Гора, каде што останал и по распадот на Југославија.

Загреб го заснова своето барање врз Договорот за сукцесија од 2001 година, додека Подгорица го оспорува хрватското право на сопственост.

Кои се другите 6 барања на Хрватска?

1. Обесштетување на затворениците од Морињ. Исплата на надоместок за хрватските цивили и воени затвореници кои биле држени во логорот во близина на Котор од 1991 до 1992 година.

2. Зачувување на спомен-плочата во Морињ. Институционално признавање и трајна видливост на спомен-плочата поставена во 2022 година во знак на сеќавање на жртвите.

3. Преименување на градскиот базен во Котор. Базенот го носеше името на ватерполистот Зоран Џими Гопчевиќ, кого Хрватска го поврзува со чуварската служба во логорот Морињ.

4. Пронаоѓање на исчезнатите. Расветлување на судбината на 14 хрватски државјани исчезнати за време на војната.

5. Процесуирање на воените злосторства. Судско гонење за злосторствата извршени врз хрватски граѓани, вклучително и по основа на командна одговорност.

6. Решавање на имотно-правните спорови. Враќање на имотот за кој Загреб тврди дека незаконски им бил одземен на хрватски семејства, особено во Бока Которска.

Подгорица исполни 2 барања

Црна Гора во октомври одговори на две од барањата на Загреб, поврзани со поранешниот логор Морињ.

Градскиот базен во Котор е преименуван, додека поставувањето на спомен-плочата во поранешниот логор Морињ доби официјално одобрение.

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ ги поврзува барањата на Загреб со владеењето на правото, со добрососедските односи и со соочувањето со минатото.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека е важно двете земји да најдат решение што ќе ѝ овозможи на Црна Гора да ги затвори преговарачките поглавја. За нивното затворање и за приемот на Црна Гора е потребна согласност од сите 27 членки на ЕУ.

Специјалниот советник на премиерот на Хрватска и поранешен шеф на дипломатијата, Мате Граниќ, на 22 ноември порача дека Хрватска ќе биде „цврста како камен“ во однос на копнената граница со Црна Гора.

Тој ја исклучи можноста за преговори за копненото разграничување, но остави простор морската граница да се утврди преку билатерални преговори, меѓународна арбитража или пред Меѓународниот суд за право на морето во Хамбург.

Германија, пак, преку Берлинскиот процес побарала од Хрватска да не дозволи билатералните спорови да го попречат приемот на Црна Гора во ЕУ.

Како што објави „Евроњуз“ на 23 ноември, Европската комисија оценила дека Подгорица ги исполнила условите за привремено затворање на сите 33 преговарачки поглавја, но дека за тоа е неопходна едногласна согласност од членките на Унијата.

Поврзани содржини