📽️ ЏОРЏ КЛУНИ И ЏЕЈН ФОНДА СНИМААТ ФИЛМ ЗА АСИСТИРАНО САМОУБИСТВО Приказна за љубовта и правото на избор или романтизирање на смртта?

Џорџ Клуни и Џејн Фонда снимаат филм за асистирано самоубиство на лице со Алцхајмерова болест, заснован на вистинска љубовна приказна. Темата предизвика остри реакции и дебата за тоа дали филмот ја романтизира смртта во очите на ранливите и исплашени луѓе.

0

 

Џорџ Клуни и Џејн Фонда деновиве за првпат беа забележани заедно на снимањето на филмот „In Love“ во Њу Џерси. Холивудските легенди, 65-годишниот Џорџ и 88-годишната Џејн, се дел од актерската екипа на филмот во режија на Пол Вајц, чијашто приказна е заснована на мемоарите на Ејми Блум од 2022 година, „In Love: A Memoir of Love and Loss“.

Приказната го следи животот на Ејми и нејзиниот сопруг Брајан Амичи, архитект на кого во средината на шеесеттите години му била дијагностицирана Алцхајмерова болест. Како што болеста напредувала, тој одлучил самиот да го контролира начинот на кој ќе заврши неговиот живот, наместо да се соочува со постојаното влошување на состојбата. Одлучил да умре стоејќи на нозе, а не на колена, и се определил за асистирано самоубиство во швајцарската клиника „Дигнитас“. Пред смртта ја охрабрил сопругата да го запише нивното искуство.

Клуни го глуми Брајан, Анет Бенинг ја толкува Ејми, а Џејн Фонда ја игра мајката на Брајан, Ивон, која ја поддржува нивната одлука да побараат решение преку асистирано самоубиство.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Cecilia (@jane.and.fonda)

За многумина ова е љубовна приказна за достоинството и правото на избор. Но, една лекарка, која се грижела за својот татко во последните години од неговиот живот со деменција, го критикувала Клуни во разговор за „Дејли мејл“ минатата година, кога беше најавено снимањето на филмот.

Д-р Рамона Коелхо, семејна лекарка од канадската покраина Онтарио, оценила дека филмот е опасен, неодговорен и ризичен бидејќи може да ги охрабри ранливите луѓе да си го одземат животот. Според неа, филмот ќе ја „романтизира смртта“ и може да предизвика епидемија на самоубиства меѓу луѓето со деменција.

– Да се претвори асистираното самоубиство во холивудска љубовна приказна е опасно. Тоа ја романтизира смртта во очите на ранливите и исплашени луѓе – изјавила д-р Коелхо за „Дејли мејл“.

Оние што го поддржуваат филмот „In Love“ велат дека не станува збор за промовирање на асистираното самоубиство, туку за искрено и со љубов прикажано лично патување на еден пар. Ејми Блум, која заедно со режисерот Вајц го напишала сценариото според својата книга, вели дека нејзините мемоари зборуваат за независноста, блискоста и искреноста, како и за правото да се соочиме со смртта без срам.

Режисерот Вајц ја опишал нејзината книга како приказна што ги спојува љубовта, хуморот и суштинските прашања за животот и смртта. Џорџ Клуни, кој е и еден од продуцентите на филмот, одамна поддржува филмови што ја истражуваат моралната сложеност, а луѓе блиски до проектот велат дека чувствителната тема ќе биде обработена со емоции, а не со сензационализам.






Поврзани содржини