Европска определба или политичка амнестија?
Францускиот предлог, Вториот протокол и прашањето за политичката одговорност на СДСМ.
Последниот извештај на Европската комисија за Македонија содржи забелешки во неколку области, кои со години се повторуваат во извештаите на оваа институција, особено во делот на функционирањето на правосудниот систем, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Дел од овие проблеми се последица и на законски решенија донесени во времето на претходната власт, како што се измените на Кривичниот законик од 2023 година, на чии негативни последици Европската комисија повторно укажува.
Сепак, одредени позитивни поместувања се забележуваат и во овие области. Реализацијата на планираните активности од Стратегијата за реформи во правосудството е зголемена од 42,9 на 57 %, а Македонија бележи подобрување за четири места на светската листа за перцепција на корупцијата, иако самиот индекс останува непроменет.
Истовремено, извештајот содржи и значајни позитивни оценки, особено во делот на целосната усогласеност на надворешната и безбедносната политика на Македонија со политиката на ЕУ, како и за напредокот во дигитализацијата. Конкретна потврда за исполнувањето на дел од преземените реформски обврски е и финансиската поддршка од ЕУ. Во мај годинава на Македонија ѝ беа одобрени 65,7 милиони евра во рамките на Инструментот за реформи и раст, што претставува највисок поединечен износ меѓу земјите од регионот во рамките на таа исплата.
Овие показатели не се причина за самозадоволство, но не даваат ниту основа за генерализирана констатација дека ништо не е сработено.
Токму во контекст на ваквите оценки и констатации од извештајот, со особено внимание го проследив излагањето на Венко Филипче во Собранието. Покрај неговите исклучително негативни оценки за постигнатото, ме изненади и неговиот повик до евроамбасадорот Рокас да помогне во справувањето со она што тој го квалификува како антиевропска пропаганда на актуелната власт.
Пред јавно да упати ваков повик, лидерот на опозицијата требало да има предвид дека едно е да се бара поддршка од ЕУ за забрзување на евроинтеграциите, а сосема друго е да се очекува нејзиниот дипломатски претставник да се вклучи во домашните меѓупартиски конфронтации. ЕУ треба да биде партнер на државата, а не арбитер во политичките спорови меѓу власта и опозицијата.
Впрочем, додека Филипче изнесува исклучително негативни оценки, шефот на грчката дипломатија препознава позитивни реформски резултати во Македонија и упатува пофалби за напредокот во неколку значајни области. Тоа дополнително покажува дека извештајот и состојбите во државата заслужуваат диференцирана анализа, а не еднодимензионално политичко толкување.
Во дебатата што ја отвора Филипче неопходно е, пред сè, аргументирано да се направи јасна разлика помеѓу противењето на членството во ЕУ и несогласувањето со одредени билатерални услови наметнати во процесот на пристапување, кои не произлегуваат од стандардните критериуми за членство во Унијата. Тоа се две суштински различни политички позиции и нивното поистоветување не придонесува за објективна и конструктивна дебата. Истовремено, билатералните пречки не смеат да бидат алиби за неспроведување на неопходните домашни реформи.
Од лидерот на опозицијата се очекува аргументирана и конструктивна критика, поткрепена со факти, а од власта конкретни резултати во исполнувањето на реформските обврски. Да се разбереме, европската интеграција е државен, а не партиски проект, ниту пак која било политичка партија има монопол врз европската определба на Македонија.
Кога Филипче веќе го отвора прашањето за францускиот предлог, тогаш не може да се заобиколи и прашањето за Вториот протокол со Бугарија, потпишан во времето на власта предводена од СДСМ. Потребно е да се објасни зошто тогашната власт прифати преку Преговарачката рамка исполнувањето на билатералните обврски да стане дел од процесот на европските интеграции. Каква врска имаат со Копенхашките критериуми за членство во ЕУ историските интерпретации, промената на содржините во учебниците по историја и географија, заедничкото чествување на историски личности и настани, усогласувањето на јавните говори и изјави со договорените текстови за тие чествувања, натписите на спомениците и јавните објекти, отворањето на архивите на поранешните служби за државна безбедност, па дури и условите за државно финансирање на книги, филмови и други облици на уметничко творештво?
Дополнително, останува отворено прашањето за правниот и демократскиот легитимитет на Вториот протокол. За разлика од Договорот за добрососедство од 2017 година, овој документ не беше ратификуван во Собранието, а неговата имплементација има значајни последици врз европскиот пат на државата. Неговата политичка тежина не произлегува само од содржината, туку и од поврзаноста на билатералните обврски со пристапниот процес. Токму за овие прашања македонската јавност заслужува аргументиран одговор од тогашните носители на власта и од сегашниот лидер на СДСМ.
Европската определба не подразбира безусловно прифаќање на секое барање што доаѓа од земја членка на Унијата. Затоа, наместо денес да се расправа кој е европски, а кој антиевропски ориентиран, потребно е да се анализираат конкретните политички одлуки од 2022 година, преземените обврски, гаранциите што Македонија ги добила за возврат, како и потенцијалните долгорочни штетни последици врз македонските национални и државни интереси, националниот идентитет и нашето севкупно национално битисување.
Прашањето што Филипче му го упати на Рокас, дали прифаќањето на францускиот предлог претставува предавство, не може да ја замени домашната дебата за политичката одговорност на СДСМ. Евроамбасадорот не е повикан да дава политичка амнестија, ниту да пресудува за ваквите меѓупартиски квалификации. Суштинското прашање е какви гаранции обезбедила тогашната власт за заштита на македонските национални интереси и за непречено продолжување на европските интеграции.
Оправданоста на една политичка одлука се докажува со нејзините резултати и последици, а не со барање потврда или поддршка од странски дипломат. За сопствените политички одлуки се одговара пред сопствените граѓани, а не пред странските дипломати.