📽️ ПОЖАР ВО БАЛКАНСКИ ЗИМСКИ ЦЕНТАР, 150 ЛИЦА ЕВАКУИРАНИ Гаснењето трае повеќе од 12 часа

Пожарникарите повеќе од 12 часа се бореле со огнот во хотелот „Алпин“ во романското одморалиште Појана Брашов. Гостите и персоналот биле евакуирани без повредени, а интервенцијата ја отежнувала конструкцијата на покривот.

1

Голем пожар го зафатил хотелот „Алпин“ во романскиот зимски центар Појана Брашов, од каде што итно биле евакуирани околу 150 лица. Огнот се проширил на покривот и на горните 3 ката од зградата, зафаќајќи околу 2.000 квадратни метри, додека пожарникарите повеќе од 12 часа се обидувале целосно да го изгаснат.

Пожарот избувнал во неделата вечерта, околу 19:30 часот, во хотелот со четири ѕвезди. Според романската телевизија „Диги24“, во интервенцијата биле вклучени пожарникари од четири окрузи.






Огнот, според локалните медиуми, првично се појавил на тераса од апартман на повисоките катови, по што се проширил кон поткровјето и покривот.

Дел од гостите биле на вечера кога се огласил противпожарниот аларм. Луѓето почнале да ги напуштаат просториите, а некои ги оставиле личните работи и багажот во собите.

Една од туристките раскажала дека видела како гори целата западна страна од хотелот.

– Се исплашивме и сè уште чувствуваме страв, особено затоа што ветерот повторно се засили – изјавила таа за романската телевизија „Про ТВ“.

 

Според службите за итни интервенции, сите 150 лица биле безбедно евакуирани. Меѓу нив имало гости и вработени во хотелот, а нема пријавени повредени или загинати.

Во гаснењето учествувале пожарникари од Брашов, Ковасна, Прахова и Арџеш, со поддршка од доброволните екипи од Ришнов.

На терен биле испратени 11 противпожарни возила, четири возила со скали, дополнителна специјализирана опрема и медицински екипи.

Најголеми проблеми им создавала конструкцијата на покривот, составена од два слоја лим, меѓу кои останале скриени жаришта.

Пожарникарите морале да отстрануваат делови од покривната конструкција за да стигнат до огнот, додека истовремено интервенирале и на фасадите.

За откривање на жариштата биле користени термални камери и дрон за набљудување од воздух.

Управата на хотелот соопштила дека ситуацијата е под контрола и дека сите гости и вработени се безбедни.

Поврзани содржини