СКОПЈЕ ЌЕ ЈА ДОЧЕКА НОВАТА ГОДИНА СО МАКЕДОНСКИ ИЗВЕДУВАЧИ Празничната програма ќе почне околу 15 декември

Градоначалникот посочи дека имало различни мислења во неговиот тим и меѓу граѓаните за изборот на музичката програма, но одлучил предност да им даде на домашните изведувачи. Ѓорѓиевски најави и навремено украсување на градот.

86

Скопјани ќе ја дочекаат Новата 2027 година со македонска музика и домашни изведувачи на градскиот плоштад, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Празничната програма ќе започне околу 15 дена пред новогодишната ноќ, а во организацијата повторно ќе се вклучи Државната лотарија.

Ѓорѓиевски ги откри плановите во вклучување во живо на Фејсбук, каде што разговараше со граѓаните за подготовката на градскиот буџет за 2027 година.






Тој посочи дека имало различни мислења во неговиот тим и меѓу граѓаните за изборот на музичката програма, но одлучил предност да им даде на домашните изведувачи.

– Иако имаше поделени мислења кај дел од мојот тим, често и кај граѓаните кога комуницирам, јас одлучив акцент да ставиме на македонска музика и македонски изведувачи оваа година. Мислам дека имаме широк спектар наши уметници кои се познати не само во Македонија туку и пошироко. Така што, најдоброто е домашното и затоа ќе имаме оваа година наши македонски изведувачи на кои ќе им дадеме шанса да ги забавуваат скопјани – рече Ѓорѓиевски.

Според најавата, новогодишните активности нема да бидат ограничени само на 31 декември, туку ќе започнат приближно две недели порано.

Поддршка за културно-забавниот дел од програмата и ангажирањето на музичарите ќе обезбеди Државната лотарија, како и претходната година.

Градоначалникот најави и дека Скопје ќе биде украсено навреме, наместо украсувањето да се одвива во последните денови од декември.

Имињата на изведувачите, распоредот на настапите и останатите детали од новогодишната програма ќе бидат објавени дополнително.

Поврзани содржини