🎥 ЛАВИЦА СЛОБОДНО СЕ ШЕТА НИЗ СТАНБЕН КВАРТ НА ИСТАНБУЛ? Во тек е опсежна акција за нејзино заловување
Градоначалникот упати итен апел до жителите на ова подрачје да не ги напуштаат своите домови сè додека акцијата не заврши.
Повеќе од 12 часа трае опсежна акција за пронаоѓање на лавица која синоќа околу 18:00 часот била забележана во истанбулската населба Ускумрукој, општина Саријер, пренесува турскиот портал „Хаберлер“.
На терен се распоредени екипи на полицијата, жандармеријата, општинските служби и Управата за заштита на природата и националните паркови, придружувани од ветеринарни тимови. Нивната цел е лавицата да биде заловена жива и неповредена, поради што се користат и пушки со средства за успивање, но засега обидите за нејзино заспивање се неуспешни.
Иако теренот постојано се надгледува, животното во текот на ноќта не било регистрирано на термалните камери.
Според изјавата на градоначалникот на Саријер, Октај Аксу, за „Си-ен-ен Турк“, првичните проценки укажуваат дека најверојатно станува збор за припитомено животно. Тој посочи дека лавицата била забележана во шумски предел во близина на станбен комплекс, а интересно е што поминала покрај кокошки без да покаже агресија или да ги нападне. Сепак, еден од очевидците раскажал дека животното ненадејно му истрчало пред автомобилот додека го обиколувал реонот.
Поради безбедност на населението и за да не се попречува работата на службите на терен, градоначалникот Аксу упати итен апел до жителите на ова подрачје да не ги напуштаат своите домови сè додека акцијата не заврши.