📽️ МОМЧЕ ПРЕЖИВЕА 14 ЧАСА ПОД УРНАТИНИТЕ ВО РУСКИ НАПАД Спасувачите го извлекоа од зграда во која загинаа 11 лица
Спасувачите извлекле живо дете од урнатините на петкатница во Киевската област, погодена додека станарите спиеле. Момчето е во стабилна состојба, а потрагата по исчезнатите продолжува.
Цели 14 часа седумгодишно момче поминало заробено под урнатините на станбена зграда во украинското место Димер, пред спасувачите да успеат да го извлечат живо. Детето е пренесено во болница во стабилна состојба, додека бројот на загинати во рускиот напад се искачи на 11.
Петкатната зграда во Киевската област била погодена во неделата, околу 5 часот наутро, додека станарите спиеле, пренесува Ројтерс.
Момчето, по име Давид, било извлечено од урнатините по речиси 14 часа спасувачка операција.
Украинските власти соопштија дека детето е под лекарски надзор и дека неговата состојба е стабилна.
Од урнатата зграда спасувачите извлекле и 79-годишна жена, која поминала 22 часа под урнатините. И таа била пренесена во болница.
Во операцијата учествуваат пожарникари, полицајци, медицински екипи, експерти за експлозивни направи и спасувачи со службени кучиња.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека на терен се ангажирани повеќе од 130 лица.
Спасувачките екипи ја продолжуваат потрагата по станарите, иако работата неколкупати била прекинувана поради нови воздушни тревоги и опасност од напади со дронови.
Според украинските власти, во нападот врз Димер загинале најмалку 11 лица. Бројот на жртвите се зголемувал додека спасувачите извлекувале тела од урнатините.
Во одделен напад врз семејна куќа во областа Била Церква загинало уште едно лице.
Според украинските власти, во неделата биле погодени повеќе населени места во Киевската област, меѓу кои и Вишневе, каде што бил оштетен трговски објект.