ПОЧИНА АКТЕРОТ КОЈ МУ ГО ПОЗАЈМУВАШЕ ГЛАСОТ НА ДУШКО ДОЛГОУШКО Ерик Бауза имаше 46 години и остави зад себе стотици улоги во анимирани филмови

Публиката го знае како гласот на Душко Долгоушко и Патакот Додо од култните „Луни Тјунс“. Ерик Бауза почина ненадејно на 46-годишна возраст, а причината за смртта е позната.

73

Ерик Бауза, наградуван гласовен актер кој им даде глас на некои од најпознатите анимирани ликови, почина на 46 години. Неговото семејство ја објави тажната вест на неговиот официјален профил на Инстаграм, наведувајќи дека починал ненадејно.






Според податоците на медицинската служба на округот Лос Анџелес, причината за смртта била хипертензивна кардиоваскуларна болест. Бауза починал во својот дом на 25 октомври.

Во текот на повеќе од две децении кариера, Бауза се прослави како гласот на Душко Долгоушко (Багс Бани) и Патакот Додо (Дафи Дак), а ги озвучуваше и Порки Прасе, Твити, Елмер Фад, Марвин Марсовецот и други ликови од светот на „Луни Тјунс“.

Неговиот талент не беше ограничен само на овие анимирани јунаци. Зад себе остави стотици актерски остварувања, а учествуваше и во проекти како „Спејс џем: Нова легенда“, „Супер Марио браќата“ и серијата „Рик и Морти“.

За својата работа освои три награди „Еми“ во категоријата за детски и семејни програми. Во моментот на смртта работел на нови проекти, меѓу кои и анимираниот мјузикл „Bye Bye Bunny“, во кој требало повторно да му го позајми гласот на Патакот Додо.

Неговата смрт е голема загуба за светот на анимацијата, во кој со својот глас им даде нов живот на ликови што ги сакаат генерации гледачи.

Поврзани содржини