ПОВЕЌЕ ОД 5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА СЕ ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО КОРИДОРИТЕ 8 И10 Николоски оцени дека со овој потег сме единствени во регионот
Вицепремиерот вели дека вкрстувањето на двата коридора ја става земјава во уникатна позиција која треба да се искористи.
Македонија инвестира меѓу 5 и 6 милијарди евра во подобрување на инфраструктурата само на коридорите 8 и 10, вели вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за регионалната мрежа ЕРНО.
Тој вели дека земјава ја има уникатната позиција овие коридори да се сечат токму тука и мора да ја искористи за да остане конкурентна транзитна рута.
– Низ Македонија поминуваат два паневрoпски коридори, Коридорот 8 исток-запад и Коридорот 10 север-југ. Ние сме единствена држава во Југоисточна Европа каде што двата паневрoпски коридори се сечат и се обидуваме да ја искористиме таа уникатна географска позиција што ја имаме и затоа правиме огромни инвестиции што се движат помеѓу 5 и 6 милијарди евра, што кога ќе го споредите со бруто-домашниот производ, се огромни инвестиции, нешто што не го прави ни една друга држава во регионот во тој обем. Затоа сме најнапред и сме пофалени и од Европската Комисија и од ЕИБ и ЕБОР, како и останатите партнери за ова што го правиме во инфраструктурата- вели Николоски.