СТИВИ ВОНДЕР ЈА ТУЖИ ПОРАНЕШНАТА СВРШЕНИЦА Речиси 4 децении живее во негова куќа без да плаќа кирија

Легендарниот музичар бара од судот во Лос Анџелес да ја исели Кармен Еферсон, која, според тужбата, живее во неговиот имот уште од 1988 година. Спорот избил откако таа одбила да им дозволи на неговите претставници да влезат во куќата заради проверка на осигурувањето.

77

Стиви Вондер започна судска постапка против Кармен Еферсон, жена за која американските медиуми пишуваат дека некогаш била негова свршеница, барајќи таа да го напушти неговиот имот во Лос Анџелес. Според судските документи, Еферсон живее во куќата речиси четири децении без да плаќа месечна кирија, врз основа на усмен договор со музичарот.

Тужбата била поднесена на 22 октомври во Вишиот суд на округот Лос Анџелес. Во неа се наведува дека Еферсон се вселила во куќата во јули 1988 година, кога наводно се договорила со Вондер да може да живее таму без надомест. Аранжманот, според неговите адвокати, траел сè до ова лето, кога настанале несогласувања околу пристапот до имотот.






Проблемите започнале во јули, кога претставниците на музичарот се обиделе да организираат проверка на куќата за да го обноват осигурувањето. Според тужбата, Еферсон во неколку наврати одбила да ги пушти инспекторите внатре.

Во електронската преписка приложена кон судските документи, таа изразила незадоволство од начинот на кој ѝ се обраќале адвокатите и напишала дека се чувствува вознемирувана. Во една од пораките го обвинила адвокатот Дејвид Хаф за расистички тон и за однесување што го поврзала со привилегиите на бел маж, а истовремено порачала дека не дава согласност за влез во просторот во кој живее.

Хаф одговорил дека писмото на кое таа реагирала не го напишал тој, туку неговата колешка Темпест Татум, која, како што нагласил, не е ниту бела ниту маж. Преписката продолжила, а адвокатите на Вондер потоа ја известиле Еферсон дека договорот се раскинува и дека мора да го напушти имотот.

На крајот на јули ѝ бил даден рок до 27 август да се исели. Бидејќи таа, според тужбата, останала во куќата, на почетокот на октомври добила и дополнително известување со рок од три дена. Адвокатите тврдат дека поради одбивањето да се изврши инспекцијата, осигурувањето на имотот било откажано, со што Вондер бил изложен на финансиски ризик.

Музичарот сега бара раскинување на усниот договор, иселување на Еферсон, надоместување на судските и адвокатските трошоци и законска отштета до 600 долари. Нејзината наводна поранешна врска со Вондер е споменувана во американските медиуми, но неговите претставници не ја потврдиле официјално. Еферсон не одговорила веднаш на барањата за коментар.

Стиви Вондер, кој има 76 години, од 2017 година е во брак со Тумика Брејси. Додека музичарот продолжува со својата кариера и настапи, исходот од необичниот спор за имотот ќе го решава судот во Лос Анџелес.

Поврзани содржини