ПРВ КРУГ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ ВО БУГАРИЈА Учествуваат 27 кандидатски двојки
Меѓу најистакнатите се актуелната претседателка Илијана Јотова со кандидатот за потпретседател Кирил Валчев, Андреј Ѓуров и Георги Кандев, како и Костадин Костадинов и Петар Волгин.
Во Бугарија денеска се одржуваат претседателски избори на кои 6,59 милиони граѓани имаат право да гласаат за нов претседател и потпретседател на државата. На изборите учествуваат 27 кандидатски двојки.
Избирачките места се отворија во 7 часот по локално време, а гласањето треба да заврши во 20 часот. Доколку пред избирачките места има граѓани кои чекаат да го остварат своето право на глас, изборниот ден може да биде продолжен најдоцна до 21 часот.
Машинско гласање е предвидено во 9.373 избирачки места низ земјата, а во 2.249 од нив ќе има по две машини. Вкупно се предвидени 11.622 уреди за гласање. Бугарските граѓани во странство ќе можат да гласаат на 613 избирачки места во 60 држави.
Меѓу најистакнатите кандидатски двојки се актуелната претседателка Илијана Јотова со кандидатот за потпретседател Кирил Валчев, Андреј Ѓуров и Георги Кандев, како и Костадин Костадинов и Петар Волгин, Радослав Василев и Красимир Манов, Иван Христанов и Стојанка Черкезова…
Првите резултати од излезните анкети се очекуваат вечерва по 20 часот, а официјалните резултати од првиот круг Централната изборна комисија (ЦИК) треба да ги објави до 27 октомври.
Изборите се одржуваат во услови на изразен политички натпревар, а доколку ниту една кандидатска двојка не ги исполни условите за победа во првиот круг, вториот круг е предвиден за 1 ноември.