🎥 ОТВОРЕНИ 8.392 ГЛАСАЧКИ МЕСТА ВО СРБИЈА ЗА 6,45 МИЛИОНИ ГЛАСАЧИ Во фокусот е трката меѓу листата на Вучиќ и СНС и Студентската листа

Во изборната трка учествуваат 18 листи со вкупно 2.418 кандидати. Девет од нив се листи на национални малцинства, за кои важат посебни правила за пресметување на потребниот број гласови за освојување мандати.

51

Во Србија денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори, на кои 18 изборни листи со вкупно 2.418 кандидати се натпреваруваат за 250 места во Народното собрание. Од утрово во 7 часот почна гласањето на вкупно 8.392 избирачки места, од кои 93 се во странство, во 37 земји.

Избирачките места се отворени од 7 до 20 часот според српско време, вклучително и оние во странство. Според првите извештаи на српските медиуми, интересот за гласање е голем уште од утринските часови, а исто така и во дипломатско-конзуларните претставништва на Србија во странство.






Според податоците на Републичката изборна комисија, во избирачкиот список на 9 октомври биле запишани 6.450.523 гласачи. Тоа е околу 50 илјади помалку од бројот на запишани гласачи на парламентарните избори во декември 2023 година. Според пописот од 2022 година Србијa има 6,647,003 жители, не сметајќи го Косово.

За овие избори е регистриран значително поголем број гласачи во странство отколку во 2023 година. Според податоците на изборните власти, 102.147 граѓани се пријавиле да гласаат надвор од Србија.

Во изборната трка учествуваат 18 листи со вкупно 2.418 кандидати. Девет од нив се листи на национални малцинства, за кои важат посебни правила за пресметување на потребниот број гласови за освојување мандати.

За повеќето листи изборниот праг е три отсто од гласовите. По изборите, 250 пратеници ќе го сочинуваат новиот состав на Народното собрание, од кое ќе зависи формирањето на следната влада.

Гласањето се одвива во атмосфера на длабока политичка поларизација. Иако има повеќе учесници во изборната трка, во фокусот на изборната трка се листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, предводена од владејачката Српска напредна партија (СНС), и од друга страна – Студентската листа „Студентите победуваат“.

Студентското движење се оформи во текот на повеќемесечните протести, кои започнаа по уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година. Трагедијата во која загинаа 16 лица ги отвори прашањата за одговорноста на институциите, корупцијата и функционирањето на државата.

Вучиќ, кој доминира во српската политика од 2012 година, во септември поднесе оставка од претседателската функција за да може да учествува на парламентарните избори како носител на листата на СНС.

Според податоците на Републичката изборна комисија, изборниот процес ќе го следат 26 домашни здруженија со повеќе од 15.000 набљудувачи, како и 57 странски организации и здруженија со над 600 набљудувачи.

Меѓу домашните организации се движењето „Крени-промени“, „Црта“, „МИМ“, „ИТ блокада“, „Чувари на победата“ и „Граѓани на стража“. Изборите ќе ги набљудуваат и меѓународни мисии, меѓу кои Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), Европскиот парламент, Парламентарното собрание на Советот на Европа и Парламентарното собрание на ОБСЕ.

Граѓанската организација ЦРТА предупреди на проблеми со распределбата на избирачите и адресите на избирачките места. Според нејзината анализа, избирачкиот список бил затворен пред да заврши најавената ревизија на податоците, предизборната кампања се одвивала во услови на нееднаквост меѓу учесниците во изборната трка.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Nedeljnik (@nedeljnikmagazin)

Поврзани содржини