ВО ФРАНЦИЈА РЕКОРДНИ 1.000 УАПСЕНИ Протестите излегоа од контрола

Според полицијата, во француската престолнина протестирале околу 110.000 луѓе, додека синдикатот CGT тврди дека бројката достигнала 250.000.

44

Речиси 1.000 лица биле приведени во Франција за време на денешните масовни протести, а во Марсеј биле ограбени две златарници. Информацијата ја соопшти францускиот министер за внатрешни работи, Лоран Нуњез, кој предупреди дека бројот на приведени може дополнително да се зголеми.

Според неговите податоци, до 19:30 часот низ земјата биле приведени речиси 1.000 лица. За споредба, во истиот период за време на протестите на 17 октомври биле приведени 385 лица.






Министерот оценил дека протестните поворки во најголем дел поминале мирно, но дека одредени ризични групи се издвоиле и се обиделе да предизвикаат нереди и да извршат кривични дела.

Тој посочил дека полицијата спречила напади врз јавни објекти, како и обиди за грабежи, слични на инцидентите забележани за време на претходните протести.

Француските медиуми, повикувајќи се на полициски извори, објавиле дека две златарници биле ограбени во петтиот арондисман на Марсеј. Инцидентите се случиле во време кога безбедносните сили биле ангажирани за одржување на редот за време на протестите.

Во Ница, до 19 часот биле приведени 61 лице, соопштила префектурата на департманот Приморски Алпи. Во стариот дел од градот се разотишла група припадници на крајната десница, додека полицијата продолжила да ги растерува демонстрантите во крајбрежната област.

Во Клермон-Феран, едно лице се здобило со тешка повреда на раката и било итно згрижено, соопштило обвинителството.

Француските власти ангажирале околу 70.000 полицајци и жандарми низ целата земја за да ја обезбедат безбедноста за време на протестите.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, на протестите низ Франција учествувале околу 410.000 луѓе. Синдикатот CGT, пак, ја проценил бројката на околу 800.000 демонстранти.

Разлики има и во проценките за Париз. Според полицијата, во француската престолнина протестирале околу 110.000 луѓе, додека синдикатот CGT тврди дека бројката достигнала 250.000.

Масовните протести низ Европа се одржуваат поради незадоволството од економската состојба, општествените реформи и политичките одлуки. Во некои градови се регистрирани и судири меѓу демонстрантите и полицијата, додека француските безбедносни сили продолжуваат да интервенираат за да спречат ескалација на насилството.

Поврзани содржини