СЕ ПРОВЕРУВААТ ПРИЛИВИТЕ ОД СТРАНСТВО ОСТВАРЕНИ ВО 2021 ГОДИНА Граѓаните да проверат дали треба да платат данок

Управата за јавни приходи најави дека ќе преземе мерки во рамките на своите законски надлежности за утврдување на данокот.

142

Управата за јавни приходи (УЈП) започна со проверки на приливите од странство што граѓаните ги оствариле во текот на 2021 година, врз основа на податоци добиени од банките.

УЈП информира дека дел  од граѓаните веќе добиле известувања со рок за исполнување на даночните обврски и доколку обврските не бидат исполнети доброволно, Управата ќе преземе мерки во рамките на своите законски надлежности за утврдување на данокот.






Оттаму потсетуваат дека не секој прилив од странство подлежи на оданочување и дека добивањето известување не значи автоматски дека лицето должи данок.

Обврската за пријавување се однесува на доход од странство што е оданочлив согласно Законот за данокот на личен доход. Тука спаѓаат плати, хонорари, приходи од фриленс и интелектуални услуги, издавање недвижности преку платформи како Airbnb и Booking.com, капитални добивки од продажба на имот, криптовалути и хартии од вредност, дивиденди, камати, авторски права и добивки од игри на среќа.

Од друга страна, парите добиени како подарок, семејна поддршка или позајмица не претставуваат автоматски оданочлив доход. Истото важи и за трансферите преку Western Union, Ria, MoneyGram и слични сервиси, бидејќи начинот на кој се испратени парите сам по себе не ја определува даночната обврска.

Од  УЈП појаснуваат дека даночниот третман зависи од вистинскиот основ на приливот и од тоа дали станува збор за доход што подлежи на оданочување согласно законските одредби.

Граѓаните, велат оттаму, треба да располагаат со соодветни докази за потеклото и основот на средствата што ги примиле од странство.

УЈП апелира сите што оствариле приливи од странство да проверат дали имаат даночна обврска и, доколку е потребно, да поднесат електронска пресметка за аконтација на данокот на личен доход (е-ППД) и да го платат утврдениот износ.

Информации за постапката на пријавување, плаќањето и примената на договорите за избегнување двојно оданочување, граѓаните можат да добијат на официјалната веб-страница на УЈП и системот за електронски даночни услуги.

Дополнителни информации се достапни на електронската адреса [email protected], на бесплатниот телефонски број 0800 33 000 од фиксна линија и на 02 3253 200 од мобилен телефон, како и во канцелариите на Управата.

Поврзани содржини