КОМПАНИ СО ХЕЛИКОПТЕР ПРЕНЕСЕН ВО БОЛНИЦА Баерн потврди дека тренерот се онесвестил на тренинг
Винсент Компани се онесвестил на тренинг на резервниот тим на Баерн Минхен и е хоспитализиран. Клубот потврди дека е под медицински надзор.
Тренерот на Баерн Минхен, Винсент Компани, се онесвестил за време на тренингот на резервниот тим и бил хоспитализиран, официјално потврди германскиот шампион. Белгискиот стратег е подложен на детални медицински испитувања и ќе остане под лекарски надзор до понатамошно известување.
Компани го следел тренингот на вториот тим на Баерн кога ненадејно му се слошило, по што му била укажана медицинска помош. Според претходните информации на германските медиуми, меѓу кои и „Билд“, тренерот бил пренесен во болница со хеликоптер, кој слетал во тренинг-центарот на клубот.
Од Баерн нагласија дека здравјето на Компани е најважно и дека му е обезбедена целата потребна медицинска нега.
– Здравјето на Винсент Компани е наш врвен приоритет. Во Баерн ќе направиме сè што можеме за да обезбедиме негово брзо закрепнување. Вини ја добива целата потребна медицинска нега и поддршка. Неговиот тренерски штаб, во кој имаме целосна доверба, ќе ги преземе неговите должности. Сите ние во Баерн му посакуваме на Вини брзо закрепнување – изјави спортскиот директор на клубот, Макс Еберл.
Хоспитализацијата доаѓа по неколкудневни здравствени проблеми кај белгискиот тренер. Поради вироза, Компани го пропуштил тренингот на првиот тим во понеделникот, но во средата се вратил на клупата и го предводел Баерн на домашниот натпревар против Арсенал во Лигата на шампионите, кој заврши со резултат 2-2.
Засега нема дополнителни официјални информации за неговата здравствена состојба. Од клубот соопштија дека ќе остане под медицински надзор, а неговите обврски во меѓувреме ќе ги преземе тренерскиот штаб.
Баерн Минхен во недела треба да гостува кај Фрајбург во натпревар од седмото коло во германската Бундеслига. Не е познато дали здравствената состојба на Компани ќе влијае врз подготовките на тимот за овој дуел.