📽️ ПУКАЛ КОН НАПАЃАЧИТЕ ЗА ДА ГИ СПАСИ ДЕЦАТА Херојскиот потег на татко во Јужна Африка го обиколи светот
Вооружени мажи го пресретнале таткото додека излегувал од дворот со двете деца. Полицијата потврдила дека тој возвратил на огнот и смртно ранил еден осомничен, додека останатите избегале.
Татко од Јужна Африка возвратил со огнено оружје кога вооружени напаѓачи го пресретнале со автомобилот додека излегувал од дворот на својот дом со двете деца. Снимката од престрелката во Пинтаун, во провинцијата КваЗулу-Натал, се прошири на социјалните мрежи, а според полицијата, еден од осомничените напаѓачи бил смртно застрелан.
Инцидентот се случил на 9 октомври, но видеото привлече големо внимание откако почна масовно да се споделува на интернет. Според информациите објавени од локалните медиуми, мажот бил во својот пикап, познат во Јужна Африка како „bakkie“, додека неговата ќерка седела на совозачкото седиште, а синот бил надвор од возилото за да ја затвори портата.
Во тој момент, бело возило им го попречило излезот. Од него излегле вооружени мажи, а ситуацијата брзо прераснала во престрелка.
На снимката се гледа како вооружени мажи се приближуваат до пикапот, по што возачот вади пиштол и пука низ прозорецот. Според информациите што ги пренесуваат локалните медиуми, еден од напаѓачите му се заканувал со пиштол на момчето кое стоело кај портата, додека друг пукал кон таткото.
Мажот возвратил на огнот, а неговото возило се придвижило напред и удрило во дрво. На шофершајбната се забележуваат оштетувања од куршуми. Неговиот син потоа се приближил до возилото и ѝ помогнал на сестра си да излезе.
Портпаролот на полицијата во Пинтаун, потполковникот Пол Магваза, изјавил дека осомничените отвориле оган, а мажот возвратил и смртно ранил еден од нив. Останатите осомничени избегале со возилото со кое пристигнале.
🇿🇦 This South African dad turned a carjacking into the worst day of the gang’s lives
His car got boxed in right outside his home, one guy put a gun to his son’s head at the gate and another started shooting at him.
So he pulled his own gun and fired straight back from the driver’s seat.
All 3 attackers reportedly ended up dead.
Wrong family, wrong dad, wrong day.
Somebody give this man a medal.
Writer: Daniyal
https://t.co/nES39xTJSL
— Mario Nawfal (@MarioNawfal) October 22, 2026
По инцидентот, полицијата отворила случаи поврзани со обид за убиство, обид за кражба на автомобил со закана и истрага за смртта на застреланиот осомничен.
Иако на социјалните мрежи се појавија тврдења дека во престрелката загинале тројца напаѓачи, таа информација не е потврдена од полицијата. Според официјалната изјава пренесена од локалните медиуми, еден осомничен бил смртно ранет, додека другите избегале. Нивната здравствена состојба не е официјално потврдена.
Настанот предизвика бројни реакции на интернет, каде што корисници го пофалија таткото за реакцијата во моментот кога неговото семејство било изложено на вооружен напад. Снимката повторно го отвори и прашањето за безбедноста на граѓаните при обиди за кражба на автомобили во Јужна Африка.