ЛАЖЕН СЛУЖБЕНИК ОД КАТАСТАР Ѝ ЗЕЛ 117.000 ДЕНАРИ ЗА „СРЕДУВАЊЕ“ ДОКУМЕНТИ Скопјанка се посомневала дека е измамена дури кога проверила

Двајца мажи ѝ ветиле на 24-годишна скопјанка дека ќе ѝ помогнат со откупот и приватизацијата на државно земјиште што го користело нејзиното семејство. Откако им исплатила 117.000 денари, дознала дека едниот од нив повеќе од две години не работи во Катастарот.

53

24-годишна скопјанка останала без 117.000 денари откако две лица ѝ ветиле дека ќе ѝ помогнат да ја заврши постапката за откуп и приватизација на државно земјиште што го користело нејзиното семејство. Едниот од нив, според пријавата, лажно се претставил како вработен во Катастарот.

Жената на 22 октомври во 14 часот го пријавила случајот во Секторот за внатрешни работи Скопје. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, измамата се случила откако на 21 септември се сретнала со двете лица, кои ѝ ветиле дека ќе ѝ помогнат да ја заврши постапката за земјиштето.






Верувајќи им, скопјанката во неколку наврати му исплатила вкупно 117.000 денари на едното лице, кое се претставило како вработен во Катастарот.

Но, откако ги дала парите, решила да провери до каде е постапката. Кога се обратила во институцијата, според нејзината пријава, добила информација дека лицето на кое му ги исплатила парите не работи во Катастарот повеќе од две години.

Тогаш се посомневала дека е измамена и случајот го пријавила во полиција.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот и утврдување на сите околности.

Поврзани содржини