СДСМ Е ВО АГОНИЈА, НАЧЕВСКИ БАРА ФИЛИПЧЕ ДА СИ ОДИ ЗА ДА ПОЧНЕ ДИЈАЛОГОТ ВО СДСМ Внатрепартиската иницијатива бара структурни реформи и нова политичка понуда

Членот на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ во интервју за МКД.мк бара оставка од Венко Филипче како предуслов за внатрепартиски дијалог. Тој најавува план за реформи до април 2027 година и отфрла формирање нова партија.

478

Коста Начевски, член на внатрепартиската иницијатива „Разговори за иднината во 12:05“, смета дека предуслов за отворање вистински политички дијалог во СДСМ е неотповиклива оставка на лидерот Венко Филипче. Во интервју за порталот МКД.мк, тој оценува дека партијата е во длабока криза и дека без суштински структурни реформи ризикува дополнително да ја изгуби поддршката од гласачите.

– Воспоставувањето внатрешен политички дијалог има еден услов, а тоа е неотповиклива оставка на Венко Филипче – вели Начевски, кој е член на СДСМ од 1994 година. Според него, досегашниот модел на внатрепартиски договори и кадровски компромиси не може да ја извлече партијата од кризата.






Начевски оценува дека СДСМ со актуелното раководство бележи сериозен пад на политичкото влијание. Како примери ги наведува изборните резултати во Скопје, Куманово и Брвеница, како и неизвесноста околу можноста партијата да освои пратенички мандат во шестата изборна единица.

Иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“, според него, не е обид за формирање нова партија, туку за структурни реформи во СДСМ и создавање поширока коалиција што ќе ја обедини прогресивната опозиција. Начевски вели дека нивниот план има рок до април 2027 година и дека, доколку тогаш бидат распишани предвремени парламентарни избори, тие нема да учествуваат.

Тој смета дека меѓу граѓаните има голем број разочарани гласачи кои се незадоволни од актуелната власт, но не ја гледаат сегашната СДСМ како политичка алтернатива. Според процените на иницијативата што ги изнесува во интервјуто, меѓу 200.000 и 250.000 гласа не се цврсто определени за некоја политичка опција и би можеле да бидат привлечени со поинаква политичка понуда.

Во разговорот за МКД.мк, Начевски се осврнува и на улогата на поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, во политичкиот подем на Филипче, како и на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој смета дека Македонија платила висока цена на евроатлантскиот пат, а за договорот со Бугарија оценува дека не ги подобрил билатералните односи.

Начевски признава и дека критичарите на политиките на СДСМ во периодот од 2017 до 2024 година можеле порано и погласно да реагираат во јавноста. Според него, структурните реформи се неопходни за партијата да го врати довербата на членството и да остане релевантен политички фактор.

Поврзани содржини