„НЕ МОЖЕМЕ ДА ЈА ЧЕСТВУВАМЕ ДРЖАВНОСТА, А ДА ЈА ЗАБОРАВИМЕ САМOЖРТВАТА НА ПРЕДЦИТЕ“ Порака од претседателката Сиљановска Давкова за 23 Октомври
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова по повод 23 Октомври порача дека почитта кон предците се докажува со чесна работа, праведност, солидарност и посветеност на просперитетна македонска држава.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба порача дека почитта кон македонската државност подразбира и признавање на саможртвата на генерациите што се бореле за национална држава. Таа нагласи дека ослободувањето на татковината и создавањето на државноста не можат да се разберат без познавање на историските процеси и идеалите што ја обликувале македонската национална самосвест.
Во честитката по повод празникот, Сиљановска Давкова истакна дека партизаните и нивните потомци со право се повикуваат на Илинденското востание и на комитите, бидејќи саможртвата на оние што се бореле за национална држава не смее да биде премолчена или заборавена.
– Партизаните и ние, нивните потомци, не случајно се повикуваме на Илинденското востание и на комитите. Впрочем, не можеме да говориме за ослободувањето на татковината, а да ја премолчиме или да ја занемариме саможртвата на оние што со натчовечки напор се обиделе, но не успеале да го остварат сонот за национална држава. Не можеме да ја чествуваме државноста, а да ја заборавиме пожртвуваноста на поколенијата што ги удриле нејзините темели и ги вградиле животите во нив – наведува претседателката.
Таа посочува дека разбирањето на сегашноста е невозможно без познавање и почитување на идеалите и историските чекори преку кои се формирала македонската национална самосвест. Токму затоа, нагласува Сиљановска Давкова, 23 Октомври има особено место во македонската историја.
Со основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, македонските револуционери ја преточиле вековната желба за слобода во организирана борба за сопствена држава.
– Во бурните историски времиња и тешки околности, водени од македонскиот непокор и од насушната потреба од пристоен човечки живот, тие го трасирале патот на македонската револуционерна борба – посочува Сиљановска Давкова.
– Почитта кон предците има смисла само ако нивните идеали ги преточиме во праведност, солидарност и посветеност на општото добро – порачува претседателката, нагласувајќи дека чествувањето на револуционерното дело не треба да остане само на зборови и историски спомени, туку треба да се потврдува преку вредностите за кои се бореле претходните генерации.
Според неа, историското наследство не е само причина за гордост, туку и морална обврска за унапредување на државата, заштита на човечкото достоинство и создавање општество во кое правото, правдата и моралот ќе бидат реалност.
– Ако револуционерниот порив некогаш се потврдувал со себежртвување за високи национални цели, денес се докажува со одлучно и чесно работење, интелектуална смелост и решителност за нужни реформи – вели Сиљановска Давкова.
Таа оценува дека државата повторно се наоѓа пред историски испит и дека сегашните генерации имаат обврска да го продолжат стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава.
– Повторно сме пред историски испит во ова време-невреме, да го продолжиме стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава. Нашиот долг кон предците е да го чествуваме споменот за нив, оддавајќи им должно признание, кон современиците да постапуваме со одговорност кон надлежностите и работните обврски, а кон идните поколенија – како гарантори на нивната сигурна иднина – наведува претседателката во честитката.
На крајот, Сиљановска Давкова им го честита празникот на граѓаните со порака: „Нека ни е честит и вековит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба“.