МАКРОН ОБВИНИ ЗА БУНТОВНИЧКИ ДЕЈСТВИЈА ЗА УРИВАЊЕ НА РЕПУБЛИКАТА Бара најстоги казни за крајнолевичарските предводници
Бевме сведоци и на политички и на бунтовнички дејствија, предводени од организирани крајнолевичарски групи кои се стремат да ја урнат републиката, рече францускиот претседател Емануел Макрон по состанокот со претставници на безбедносните служби.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги осуди „бунтовничките активности“ на крајнолевичарските групи, обвинувајќи ги дека се исклучително опасни и дека сакаат „да ја урнат републиката“, по немирите и грабежите што избувнаа минатата сабота по протестите против зголемувањето на трошоците за живот.
– Бевме сведоци и на политички и на бунтовнички дејствија, предводени од организирани крајнолевичарски групи кои се стремат да ја урнат републиката – нагласи Макрон по завршувањето на состанокот во Елисејската палата, на кој присуствуваа претставници на безбедносните служби.
Службите беа критикувани дека не ги предвиделе протестните активности кои се случуваат половина година пред претседателските избори.
Макрон истакна дека овие групи преземаат одговорност за внимателно планираните акти на насилство.
Додаде дека кривичните дела мора да се третираат со најголема строгост.
– Илјадници луѓе беа уапсени, неколку стотици беа испратени во затвор, а работата продолжува. Министерот за правда со право побара од обвинителството да постапува со најголема строгост – рече Макрон, кој за утре наутро свика состанок на Националниот совет за одбрана и безбедност.
За оваа сабота се најавени нови протести низ Франција.
– На улиците ќе бидат распоредени 20 проценти повеќе припадници на безбедносните сили отколку минатата недела – соопшти Жан-Дидје Берже, делегиран министер во Министерството за внатрешни работи.
Макрон предупреди дека во наредните денови ќе бидат одобрени само протестите организирани од синдикатите, а за сите останати протести ќе се издаваат забрани секогаш кога тоа е можно. За синдикалните маршеви префектите ќе понудат алтернативни маршрути.
Поради најавите за нови протести, трговските објекти во центарот на Париз веќе ги заштитуваат излозите со дрвени плочи. Луксузните брендови ги засилуваат безбедносните мерки. Во Орлеан властите, исто така, се подготвуваат за можни судири, бидејќи партијата Национален собир на Марин Ле Пен планира годишен митинг, а крајнолевичарски групи и синдикати најавија контрадемонстрации.
Францускиот премиер Себастијан Лекорни в понеделник ќе одржи средби со претставници на ученички, студентски, наставнички, синдикални и работодавачки организации, како и со локалните власти и пратениците, со цел да се разгледаат нивните барања.
Во обраќањето до нацијата во неделата вечерта, Макрон изрази надеж дека младите ќе седнат на преговарачката маса за заеднички да изнајдат решенија.