ГОДИНАВА ИЗВРШЕНИ 15 ТРАНСПЛАНТАЦИИ НА БУБРЕГ Клековски потсети дека многу пациенти чекаат шанса

Секоја трансплантација е резултат на доверба, тимска работа и посветеност. Продолжуваме да ја зајакнуваме мрежата за трансплантација и да ја поттикнуваме свесноста за дарување органи, вели министерот за здравство, Сашо Клековски.

66

Вкупно 15 трансплантации на бубрег се извршени годинава на Универзитетската клиника за урологија, наспроти 11 во текот на цела 2025 година, а до крајот на годината се планирани уште 3 трансплантации од жив дарител, истакна министерот за здравство, Сашо Клековски по посетата на пациентите на кои неодамна им се трансплантирани бубрези – на двајца од починат дарител и на еден од жив дарител.

-Најголемата благодарност му ја должиме на семејството на починатиот дарител. Во најтешкиот момент тие донесоа одлука која на двајца наши сограѓани им враќа живот без дијализа. Тоа е чин на исклучителна хуманост, за кој нема доволно зборови. Благодарност и до живиот дарител, кој дел од себе им подари на своите најблиски – рече Клековски.






При посетата, како што информираат од Министерството за здравство, Клековски беше придружуван од националната координаторка за трансплантација проф. д-р Билјана Кузмановска, директорот на Клиниката за урологија д-р Башким Шабани и директорот на Клиниката за нефрологија д-р Никола Ѓорѓиевски.

Клековски им се заблагодари и на медицинските тимови од клиниките за урологија и нефрологија, како и на сите вклучени во процесот на координација на дарувањето.

– Секоја трансплантација е резултат на доверба, тимска работа и посветеност. Продолжуваме да ја зајакнуваме мрежата за трансплантација и да ја поттикнуваме свесноста за дарување органи, бидејќи многу пациенти сè уште чекаат на својата шанса – потенцира Клековски.

Министерството за здравство упатува повик до граѓаните да разговараат со своите најблиски за дарувањето органи, посочувајќи дека изразената волја им ја олеснува одлуката на семејствата во тешки моменти.

Поврзани содржини