САЈБЕР-ЗАКАНАТА ПОВРЗАНА СО PHP НЕ ГИ ДОПРЕ ВЛАДИНИТЕ САЈТОВИ Навреме се заштитиле од пропустите што ја погодија Европа

Министерството за дигитална трансформација соопшти дека навремено презело мерки против критичните безбедносни пропусти во програмскиот јазик PHP. Истите ранливости предизвикаа привремено исклучување на владини веб-страници во повеќе европски земји.

53

Веб-страниците на Владата и министерствата биле навремено заштитени од критичните безбедносни ранливости во програмскиот јазик PHP, кои предизвикаа привремено исклучување на бројни интернет-страници низ Европа. Министерството за дигитална трансформација (МДТ) соопшти дека презело превентивни и технички мерки, а досегашните проверки не покажале дека некој успешно ги искористил пропустите за да упадне во владините системи.

За да спречат можни напади, надлежните најпрво привремено го блокирале надворешниот веб-сообраќај кон засегнатите системи, а потоа ги провериле софтверските верзии и ги инсталирале потребните безбедносни ажурирања.






„Според досегашните проверки, не се утврдени индикации за успешно искористување на наведените ранливости или за компромитирање на веб-страниците на Владата и министерствата“, соопшти МДТ.

Од Министерството објаснуваат дека мерките биле неопходни за да се намали ризикот од неовластен пристап, извршување злонамерен код и преземање контрола врз веб-серверите.

Причината за засилените безбедносни мерки се две критични ранливости во PHP, еден од најраспространетите програмски јазици за изработка на веб-страници и интернет-апликации. Пропустите, означени како CVE-2026-109618 и CVE-2026-109619, добија оценка 9,2 од максимални 10 според меѓународната скала за сериозност на безбедносни ранливости.

Европската агенција за сајбер-безбедност (ENISA) предупреди дека пропустите би можеле да им овозможат на напаѓачите од далечина да извршуваат злонамерен код на ранливите сервери, без претходна најава или проверка на идентитетот.

Поради опасноста, вчера привремено беа исклучени владини веб-страници во Холандија, Франција, Германија и Финска, како и интернет-сервиси на други јавни институции. Исклучувањата главно беа превентивни, додека администраторите ги инсталираа безбедносните закрпи.

PHP се користи и во популарни платформи како WordPress, Drupal и Joomla, поради што ранливостите потенцијално засегаат голем број веб-страници низ светот. Развивачите на PHP ги објавија безбедносните ажурирања на 21 октомври, по што институциите добија можност да ги отстранат пропустите.

МДТ соопшти дека Секторот за сајбер-безбедност и владиниот тим за одговор на компјутерски безбедносни инциденти (МКД-ГОВ-ЦСИРТ) продолжуваат со засилено следење на можните закани, проверка на безбедносните настани и анализа на записите од владините системи.

Поврзани содржини