МИЦКОСКИ ОЧЕКУВА СИЛНИ ПОРАКИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ НА САМИТОТ НА БЕРЛИНСКИОТ ПРОЦЕС Досието на Македонија е сложено, вештачки сме надвор од преговорите
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во своето обраќање на денешниот самит во Црна Гора ќе ја истакне силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, како и суштински дискусии и конкретни резултати од денешниот Самит на Берлинскиот процес во Црна Гора.
– Денеска очекувам многу силни пораки во однос на интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија. Секако, тука ја вклучувам и мојата земја. Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите – изјави Мицкоски пред почетокот на Самитот.
Тој најави дека во своето обраќање ќе ја истакне силната посветеност на македонската Влада на реформската агенда на ЕУ и на европската интеграција.
– Практично, такво е и досегашното дејствување на мојата Влада и ќе продолжиме да се движиме по тој пат и во иднина – истакна Мицкоски.
Живееме во многу предизвикувачки времиња, додаде.
– Веројатно сме сведоци на едни од најпредизвикувачките периоди што човештвото може да ги памети во овој век: руската војна во Украина, како и војната со Иран, кризата на финансиските пазари, протестите низ цела Европа и сè што е поврзано со нив. Затоа, мораме да најдеме начин да излеземе од оваа ситуација во светот, особено во Европа, а мојата Влада е силно посветена да придонесе во таа насока – рече премиерот.
Тој изрази надеж дека денешните разговори во рамки на Самитот на Берлинскиот процес ќе бидат суштински и ќе резултираат со конкретни и плодни резултати.
Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, на кој ќе се разговара за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската Унија.
Самитот е завршен настан на претседавањето на Црна Гора, а покрај лидерите од Западен Балкан, учествува и канцеларот на Германија, Фридрих Мерц, кој е силен поддржувач на напредокот и интеграцијата на регионот во Европската Унија.
Самитот на Берлинскиот процес ќе го отворат премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ и германскиот канцелар Мерц. Во рамките на Самитот ќе се одржи и пленарна сесија „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“.
Германската влада соопшти дека главни теми ќе бидат економскиот раст, конкурентноста и безбедноста, додека Црна Гора за време на своето претседавање како четврт клучен приоритет ја постави зелената и одржлива транзиција.
Берлинскиот процес е меѓувладина платформа покрената во 2014 година на иницијатива на Германија, под тогашната канцеларка Ангела Меркел, со примарна цел да се забрза евроинтеграцијата и да се продлабочи регионалната соработка на земјите од Западен Балкан.