ДВЕ КУМАНОВКИ ВО ИЗМАМА СО БРЗИ КРЕДИТИ ВРЕДНА 190.000 ЕВРА Петмина банкари им го отвориле патот до парите
Според МВР, една од осомничените во 18 наврати поднесувала барања за кредити во име на други граѓани, без нивна согласност. Петмина вработени во банка се сомничат дека ја овозможиле измамата и располагањето со парите.
Две жени од Куманово и 5 банкарски службеници добија кривични пријави поради сомнение за измама со брзи потрошувачки кредити, злоупотреба на лични податоци и злоупотреба на службената положба.
Според Министерството за внатрешни работи (МВР), повеќе граѓани биле оштетени, додека пријавените жени се стекнале со противправна имотна корист од 12.221.500 денари, односно околу 199.000 евра.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.С.Д. (23) и М.В. (35), двете од Куманово, за измама и злоупотреба на лични податоци. Против уште 5 лица, вработени во филијала на банка, се поднесени пријави за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„Првопријавената, во периодот од јануари до јули 2026 година, во 18 наврати, искористувајќи лични податоци на повеќе лица, во нивно име и без нивна согласност аплицирала за брзи потрошувачки кредити“, соопшти МВР.
Според полицијата, кредитите биле одобрувани, но парите не завршувале кај лицата на чие име биле поднесени барањата.
„По одобрувањето и исплатата на парите, тие биле противправно присвоени од прво и второпријавената“, се наведува во соопштението.
Полицијата се сомнева дека банкарските службеници имале клучна улога во реализацијата на измамата.
„Останатите пријавени, вработени како банкарски службеници во филијала на една банка, овозможиле реализација на измамата и располагање со парични средства“, соопшти МВР.
Кривичните пријави против М.П. (34), С.М. (27), Н.Н. (34), Д.М. (48) и С.О. (36) се однесуваат на сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувањето.