120 АМАНДМАНИ НА ВТОРИОТ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ Пратениците денеска ја почнуваат расправата за секој од нив
На расходната страна, со ребалансот се планирани вкупно 420,5 милијарди денари, што е за 5,3 милијарди денари помалку од претходната проекција. Намалувањето се должи на пониските издвојувања за стоки и услуги и за субвенции, како резултат на, според Министерството за финансии, порационално и поефикасно трошење.
Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска почнува амандманската расправа за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година во второ читање. За Предлог-буџетот, кој е втор ребаланс за годинава, поднесени се над 120 амандмани од овластени предлагачи.
Вкупните приходи со новиот ребаланс на буџетот се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари, што е за речиси 5,3 милијарди денари помалку во однос на претходните проекции. Најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари, а дефицитот останува на ниво од 46,3 милијарди денари или 4,1 отсто од БДП.
Како што соопшти министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска осврнувајќи се на клучните параметри, кај даночните приходи е направена умерена корекција, од 213,3 на 209,8 милијарди денари или намалување од 1,6 процент.
-Најголемиот дел од корекцијата се однесува на акцизите, кои се ревидираат од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Причината е намалувањето на акцизите на бензините и дизелот, мерка со која директно го ублажуваме влијанието од растот на цените на нафтените деривати врз граѓаните и компаниите. Тоа значи помал приход за буџетот, но истовремено и директна поддршка за граѓаните и економијата – рече Димитриеска-Кочоска.
Според неа, кај неданочните приходи и донациите, со ребалансот се предвидува намалување за речиси две милијарди денари.
Намалувањето е целосно кај сопствените сметки на буџетските корисници, пред сè како резултат на пролонгираното спроведување на проекти од самофинансирачки активности, при што постојат расположливи ликвидни средства.
Кај другите даночни приходи – данокот на личен доход, данокот на добивка, ДДВ и царинските приходи – очекувањата остануваат во рамките на планираните износи.
На расходната страна, со ребалансот се планирани вкупно 420,5 милијарди денари, што е за 5,3 милијарди денари помалку од претходната проекција. Намалувањето се должи на пониските издвојувања за стоки и услуги и за субвенции, како резултат на, според Министерството за финансии, порационално и поефикасно трошење.
Истовремено, предвидени се дополнителни средства за социјално ранливите категории граѓани и за здравствените услуги. Капиталните расходи се намалуваат за речиси 5,7 милијарди денари, главно поради пролонгирање на роковите за реализација на одредени капитални проекти.
Проекцијата за економскиот раст во 2026 година останува 3,5 %, иако во првата половина од годината бруто-домашниот производ забележал раст од 3,7%. Министерката објасни дека прогнозата не се менува поради неизвесноста во глобалната економија, меѓу другото и поради продолжените конфликти на Блискиот Исток и во Украина.
Буџетскиот дефицит останува на планираните 46,3 милијарди денари, односно 4,1% од БДП. Во текот на 2026 година државата треба да исплати обврски во вкупен износ од 76,6 милијарди денари, вклучувајќи отплата на надворешен и домашен долг, како и обврски кон Развојната банка.
Во рамки на овој ребаланс планирано е и сервисирањето на долгот. Државата во 2026 година треба да сервисира обврски во вкупен износ од 76,6 милијарди денари, од кои 55,1 милијарда денари се отплата на надворешниот, а 19,9 милијарди денари на домашниот долг и 1,6 милијарди денари одлив по даден заем кон Развојната банка.
Дополнително, се сервисираат обврски и по основа на издадени едногодишни државни хартии од вредност во износ од приближно 1 милијарда евра. Овие обврски се предвидени во буџетот и нивното редовно сервисирање е обезбедено преку планираното домашно и странско задолжување.