МИЦКОСКИ ЌЕ ГИ ПРЕТСТАВИ МАКЕДОНСКИТЕ ПОЗИЦИИ НА САМИТОТ ВО ЦРНА ГОРА Мерц и балканските лидери ќе разговараат за економијата, безбедноста и за ЕУ

Премиерот денеска учествува на Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора, на кој ќе присуствува и германскиот канцелар Фридрих Мерц. Лидерите ќе разговараат за економското поврзување, конкурентноста и безбедноста на Западен Балкан, како и за евроинтеграциите.

138

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска учествува на Самитот на Берлинскиот процес, кој се одржува  во Црна Гора, со учество на лидерите од Западен Балкан, претставници на Европската Унија и меѓународни организации.

На самитот ќе учествува и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој заедно со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ ќе го отвори собирот.






Според најавата од владината прес-служба, Мицкоски на главната сесија во Свети Стефан ќе ги претстави македонските ставови за економската соработка, регионалната безбедност, конкурентноста и европските интеграции.

Во фокусот на разговорите ќе бидат економскиот раст, поврзувањето на земјите од Западен Балкан и забрзувањето на нивниот пат кон Европската Унија.

Црна Гора, која годинава претседава со Берлинскиот процес, како дополнителен приоритет ја постави зелената и одржлива транзиција.

Во рамките на самитот е предвидена и пленарна сесија под наслов „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“.

Берлинскиот процес е меѓувладина иницијатива покрената во 2014 година од Германија, за време на канцеларката Ангела Меркел, со цел да се поттикнат регионалната соработка и приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ.

Еден од конкретните резултати на процесот се договорите за мобилност од 2022 година, кои предвидуваат патување со лична карта во регионот и меѓусебно признавање на високообразовните дипломи и професионалните квалификации за лекарите, стоматолозите и архитектите.

Денешниот самит е завршен настан од едногодишното претседавање на Црна Гора со Берлинскиот процес.

Поврзани содржини