ПОТРАГА ПО ИСЧЕЗНАТО ЛИЦЕ ВО ВАРДАР Спасувачки тимови го пребаруваат коритото кај Гостивар

Припадници на Тимот за брз одговор за спасување на води при ДЗС, полицијата и локалните служби го пребаруваат Вардар по индиции дека исчезнатото лице било забележано во близина на реката. Граѓаните што имаат информации се повикани да пријават на 112.

80

Спасувачки тимови на Дирекцијата за заштита и спасување ја пребаруваат реката Вардар во гостиварскиот регион по исчезнато лице за кое постојат индиции дека било забележано во близина на реката. Акцијата се спроведува по официјално барање на Полициската станица Гостивар, а во потрагата се вклучени и полицијата и локалните служби.

На терен е и заменик-директорот на ДЗС, Кашмир Салиу, кој заедно со спасувачките екипи ја координира операцијата.






Во потрагата се ангажирани припадници на Тимот за брз одговор за спасување на води при ДЗС, со логистичка поддршка од Подрачното одделение во Гостивар. Екипите работат во координација со полициските службеници од ОВР Гостивар и локалните служби.

Пребарувањето се одвива долж текот на Вардар, од критичните точки во градското подрачје кон низводните делови на реката. Според ДЗС, условите на теренот и спецификите на речното корито ја отежнуваат операцијата, но спасувачките тимови ќе останат ангажирани сè додека не заврши потрагата.

Дирекцијата упати апел до жителите на Гостивар и околните населени места, доколку имаат каква било информација за исчезнатото лице или забележат нешто покрај речното корито, веднаш да ја пријават во полиција или кај надлежните служби.

Информации може да се пријават и на единствениот број за итни повици 112 при Центарот за управување со кризи.

Од ДЗС најавуваат дека јавноста дополнително ќе биде информирана за новите моменти во акцијата.

Поврзани содржини