📽️ 📷 СПРЕЧЕН ШВЕРЦ НА ЛЕКОВИ ЗА MAЛИГНИ ЗАБОЛУВАЊА ВРЕДНИ 5.400 ЕВРА Косовски возач ги криел во приборот за прва помош

Царинската управа предупредува дека увозот и транспортот на овие лекови подлежат на строги правила, а нивното несоодветно пренесување може да претставува ризик за здравјето на граѓаните.

225

Лекови за третман на малигни заболувања, вредни 336.000 денари, биле откриени во кутија за прва помош во автобус на граничниот премин Богородица. Мобилен царински тим спречил обид за нивно криумчарење во Македонија, а против возачот на автобусот, косовски државјанин, е поднесена кривична пријава.

При контролата на автобусот, кој влегувал во државата, царинските службеници пронашле 29 вијали со медицинскиот раствор „Xgeva“, кој се употребува во третманот на пациенти со одредени малигни заболувања.






Покрај вијалите, во кутијата за прва помош биле откриени и 29 кутивчиња, како и 30 самолепливи етикети, спакувани во црна најлонска кеса.

Фото: Царинска управа
Фото: Царинска управа

Според Царинската управа, станува збор за лек чиј увоз е строго регулиран и за кој се потребни дозволи од надлежните институции.

Посебни стандарди важат и за неговиот транспорт, поради што неовластеното пренесување на вакви медицински производи може да ја доведе во прашање нивната безбедност.

Царинската управа предупредува дека непочитувањето на пропишаните услови за транспорт на лекови претставува потенцијален ризик за здравјето на граѓаните.

По откривањето на лековите, Одделението за истраги поднело кривична пријава против возачот за кривичното дело „криумчарење“, казниво според Кривичниот законик.

Од Царинската управа информираат дека во текот на 2026 година мобилните тимови и царинските службеници на граничните премини заплениле повеќе од 30.000 парчиња лекови.

Со овие контроли, како што посочуваат од Управата, се спречува нелегалниот промет на медицински производи и се придонесува за заштита на здравјето на граѓаните.

Поврзани содржини