ГИ ЗАСЕНИ ФРАНЦУСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ И СТАНА ЛИЦЕ НА ПРОТЕСТИТЕ Тинејџерот Елван уште е млад да гласа
Ненадејната популарност на 17-годишниот Елван предизвика поделени реакции, додека дел од јавноста во Франција прашува зошто медиумите му посветуваат толку внимание токму нему.
Има само 17 години, сè уште нема право на глас, а веќе стана едно од најпрепознатливите лица на ученичките протести во Франција.
Парискиот средношколец Елван Беноа преку ноќ се претвори во интернет-сензација, откако се појави снимка на која го бакнува лидерот на радикалната левица Жан-Лик Меланшон.
Неговите самоуверени настапи пред камерите дополнително го привлекоа вниманието, а на социјалните мрежи веќе го споредуваат со холивудскиот актер Роберт Патинсон.
Елван стана познат по протестниот марш од 6 октомври, кога се сретна со Меланшон, лидерот на партијата „Неосвоена Франција“. Снимката од нивната средба брзо се прошири на интернет.
Меланшон дополнително го привлече вниманието кон средношколецот, објавувајќи заедничка фотографија на Инстаграм.
„Средба на трибуни на народот!“, напиша францускиот политичар.
Но, популарноста на Елван не произлезе само од средбата со познатиот политичар. Внимание привлече и неговото појавување во видеорепортажа на десничарскиот јутјубер Винсент Лапјер, кој известуваше за ученичките протести и насилството при блокадите на училиштата.
이번 프랑스 시위의 아이콘이 된 엘완(16세 고딩)이랑 그가 가장 크게 영향받은 정치인이라고 하는 ‘불복종 프랑스’ 창립자이자 좌파 대선 후보인 멜랑숑… 굉장히 어떤 변호사랑 제자 생각난단 말이죠. 엘완은 찐부르주아이긴한데… 하필 목엔 붉은색 쿠피예 두르고 있고 https://t.co/DsXkii5JFR
— 두기 (@lazyladypeach) October 19, 2026
Средношколецот го пречекал Лапјер со насмевка и му покажал родителска дозвола за снимање. Потоа, пред камерата, почнал да зборува за социјалните разлики меѓу училиштата во центарот на Париз и оние во посиромашните предградија.
– Протестираме во знак на солидарност со сите ученици од периферијата на Париз, особено оние во предградијата, кои немаат доволно ресурси да се стоплат во зима и да се разладат во лето – изјави Елван.
Тој објасни дека лошите услови во дел од училиштата го отежнуваат одржувањето на наставата.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, Елван се издвоил со невообичаена елоквентност за својата возраст.
Тинејџерот учи во последната година од средното училиште „Жак-Декур“, во деветтиот арондисман на Париз. Токму таму Лапјер ја снимил репортажата што придонела за неговата популарност.
Елван не ги поштедил од критики ниту францускиот претседател Емануел Макрон, ниту премиерот Себастијан Лекорну.
– Макрон, Лекорну, доста ни е од нив, а другиот… Како се вика, Жефри, или што и да е – изјави средношколецот, алудирајќи на министерот за образование Едуар Жефри.
Во своите настапи Елван се залага за политички промени и отворено изразува симпатии кон радикалната левица.
По средбата со Меланшон, во телевизиската емисија „Квотидиен“ изјави дека токму Меланшон е политичарот што би можел да ја спаси Франција.
И покрај ваквите изјави, средношколецот нагласи дека не е член на партијата на Меланшон и дека не се согласува со сите негови ставови.
По насилните протести и немирите изминатиот викенд, француските власти воведоа локален полициски час, меѓу другото и во делови од Париз, каде што движењето беше ограничено од 23 до 6 часот, а вечерните демонстрации беа забранети во одредени зони. Слични мерки беа воведени и во други градови, додека владата најави построги полициски и судски мерки против насилството и грабежите.
Протестите на средношколците во Франција започнаа на 21 септември во париското предградие Кретеј, поради недостиг од наставници и лошите услови во училиштата, а набргу се проширија низ целата земја.
Протестите во меѓувреме прераснаа во сериозна политичка и безбедносна криза. Според извештај на Асошиејтед прес од 16 октомври, илјадници млади луѓе биле приведени, а стотици демонстранти и полицајци биле повредени во немирите.