БУГАРИЈА ОДБИ ДА УЧЕСТВУВА ВО НОВАТА ПОМОШ ЗА УКРАИНА Студен туш од Радев за европскиот пакет од 70 милијарди евра
Бугарскиот премиер порача дека неговата земја нема да учествува во финансирањето на новиот европски пакет за Украина. Одлуката доаѓа во време на засилени безбедносни тензии во Црното Море, каде што нападите со дронови врз трговски бродови ја принудија Софија да побара дополнителна заштита од НАТО.
Бугарија одбива да учествува во новата финансиска помош од 70 милијарди евра што Украина ја побара од Европската Унија за 2027 година.
Бугарскиот премиер Румен Радев порача дека Софија не може да преземе дополнителни финансиски обврски, оценувајќи дека војната ги исцрпува европските економии и предизвикува сè поголеми социјални и политички тензии.
Ставот го соопшти вчера, за време на посетата на бугарскиот град Тврдица, откако украинскиот претседател Володимир Зеленски на неодамнешниот европски самит побара дополнителни средства за продолжување на одбраната од руската инвазија.
– Како ви изгледа ова во контекст на сè што се случува во Европа? Бугарија не може на никаков начин да биде вклучена во овие 70 милијарди евра – изјави Радев.
Неговата изјава претставува промена во досегашниот пристап на Софија кон заедничкото европско финансирање на Украина.
Европската Унија минатата година одобри заем од 90 милијарди евра за покривање на украинските потреби во 2026 и 2027 година. Унгарија, Чешка и Словачка тогаш издејствуваа изземање од финансиските трошоци, додека Бугарија остана меѓу земјите што учествуваат во механизмот.
Сега Радев најавува дека Софија нема да го повтори таквиот чекор со новиот пакет.
Бугарскиот премиер оцени дека продолжувањето на војната создава сериозен економски товар за европските држави. Според него, последиците се чувствуваат и преку растечките социјални тензии и политичката нестабилност.
– Исходот нема да се постигне со воени средства – рече Радев, повикувајќи на што побрзо завршување на конфликтот.
Радев ја презеде премиерската функција откако претходно беше претседател на Бугарија од 2017 година до оставката во јануари 2026 година. Неговите ставови за војната во Украина и претходно се разликуваа од политиките на дел од европските сојузници.
Најновата одлука доаѓа во период на зголемена загриженост во Бугарија по серијата напади со воздушни и поморски дронови врз трговски бродови во Црното Море. На 6 октомври два брода беа погодени во бугарската ексклузивна економска зона, при што еден потона, а другиот се запали.
Следуваа нови инциденти, вклучително и нападите на 13 октомври, кога беа погодени уште два трговски брода.
Бугарските власти започнаа истраги, но потеклото на дроновите и одговорноста за нападите сè уште не се дефинитивно утврдени. Министерот за одбрана Димитар Стојанов изјави дека постојат сомневања за руска вмешаност, но нагласи дека за сигурен заклучок се потребни материјални докази.
По нападите, Софија побара дополнителна помош од НАТО за зајакнување на противвоздушната и противдронската одбрана, како и за подобар надзор на поморскиот сообраќај.
Бугарската влада побара распоредување дополнителни борбени авиони и противдронски системи, додека премиерот Радев ги активираше дипломатските канали за меѓународна поддршка во истрагите.
НАТО на 20 октомври најави засилување на присуството во Црното Море со патролни авиони, радари и беспилотни летала.