ЌЕ СЕ РЕШАВААТ СВЛЕЧИШТАТА ВО КОЗЛЕ, ЖДАНЕЦ И ТРНОДОЛ Во општина Карпош владата вложи 11 милиони евра

Во следниот период државата ќе помогне да се реализираат и општинските проекти за плоштади, реализација на улици, атмосферска канализација, фекална канализација и уредување на просторот во делови од општината.

57

Решение за свлечиштата кон населбите Козле, Трнодол и  Жданец, како и за паркирањето во населбите Карпош 1,2,3 и 4, најави денеска вицепремиерот Александар Николоски по средбата со градоначалникот на oпштина Карпош, Сотир Лукровски.

Николоски најави и реализација на плоштади, улици и други капитални објекти во општината во наредните години.






– Се договоривме за еден нов инвестициски циклус каде што ќе помогнеме во реализација на плоштади, во реализација на улици, атмосферска канализација, фекална канализација и уредување на просторот таму каде што е најпотребно во општината – рече Николоски.

Николоски рече дека заедно со Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор  работат на интегрално решение за паркинзите во четирите населби.

– Работиме на изнаоѓање едно интегрирано решение кое што треба да значи решение на проблемот со паркинг преку изведба на катни гаражи кои што ќе бидат достапни за граѓаните, исто така подземно паркирање, подземни катни гаражи кои што ќе значат од една страна зеленило, паркови, а од друга страна решавање на проблемот со паркирање. Овие проекти ги работиме заедно со општината и со Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Онаму каде што има потреба или проектите веќе се при крај ќе влеземе во реализација, на другите места работиме на изработка на проекти и очекувам во следните две до три години целокупниот проблем со паркирање во Општина Карпош да биде решен на овој начин – појасни Николоски.

Тој информира дека досега преку двата повици што веќе се активни, поддршката за Општина Карпош од страна на Владата е околу 11 милиони евра.

– Преку Министерството за транспорт се реализираат околу 5,5 милиони евра. Нема дел од општината каде што не работиме, каде што не решаваме инфраструктурни проблеми и продолжуваме да го правиме тоа во следниот период – рече Николоски.

Поврзани содржини