СКОПЈАНИ ЌЕ ПРИЈАВУВААТ ЕКОЛОШКИ ПРОБЛЕМИ ПРЕКУ АПЛИКАЦИЈА „ЕкоСкопје“ ги вклучува граѓаните во борбата за почист град
Преку „ЕкоСкопје“ ќе можат да се испраќаат пријави со фотографија, точна локација и опис на проблемот. Градоначалникот најави и видеонадзор, како и вложувања во опрема за одржување на јавната чистота.
Граѓаните на Скопје добиваат нова можност за пријавување диви депонии, проблеми со контејнерите и други еколошки проблеми преку дигиталната платформа „ЕкоСкопје“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја промовираше платформата, која треба да им овозможи на градските служби полесно да ги лоцираат проблемите и поорганизирано да постапуваат по пријавите.
Преку веб-страницата ekoskopje.skopje.gov.mk, граѓаните ќе можат да испратат пријава со точна локација, фотографија и краток опис на проблемот. По поднесувањето, ќе можат да го следат и статусот на пријавата.
Ѓорѓиевски вели дека платформата треба да ја подобри комуникацијата меѓу граѓаните и градските служби, но и да ја зголеми одговорноста на институциите. Според него, нејзината вредност нема да се мери само според бројот на поднесени пријави, туку пред сè според решените проблеми и промените што скопјани ќе ги почувствуваат во своите населби.
– Зад секоја пријава стои наш сограѓанин кој очекува решение – порача градоначалникот, повикувајќи ги граѓаните да ја користат платформата и да доставуваат точни информации за проблемите што ги забележуваат.
Покрај дигиталните алатки, Град Скопје најавува вложувања и во опрема за одржување на јавната чистота. Според Ѓорѓиевски, набавени се 3.300 нови контејнери, што тој ја оценува како најголема ваква набавка во историјата на градот. Набавени се и нови камиони за собирање смет, цистерни и метларки.
Во тек е и постапката за воведување видеонадзор, кој, според најавата на градоначалникот, треба да помогне во откривањето на лицата што создаваат диви депонии и во преземањето мерки против нив.
Ѓорѓиевски нагласува дека одржувањето на јавната чистота е заедничка одговорност на институциите и граѓаните. Градот, како што наведува, треба да обезбеди услови и да постапува по пријавите, а граѓаните да придонесуваат за зачувување на јавните површини.
За создавањето на „ЕкоСкопје“, градоначалникот им се заблагодари на Европската Унија за финансиската поддршка, на ЛЕАД, како и на младиот Андреј и тимот што работел на идејата. Тој порача дека Град Скопје ќе продолжи да поддржува иницијативи на младите што можат да придонесат за развојот на градот.