ПОКОЈНИОТ ЕРИК ДЕЈН ВО СВОИТЕ МЕМОАРИ ОТКРИВА ДЕКА ГИ ПРОБАЛ РЕЧИСИ СИТЕ ДРОГИ „Тоа беше мојот мрачен период“
Покојниот Ерик Дејн, актерот кој го освои светот како д-р Марк Слоун во серијата „Вовед во анатомија“, во своите мемоари отворено зборува за зависноста и годините во кои дрогата му го обележала животот. Во исповедта открива дека користел сè – од хероин и кокаин до силни лекови против болки и седативи.
Ерик Дејн, актерот познат по улогите во сериите „Вовед во анатомијата“ и „Еуфорија“, во своите посмртно објавени мемоари открил шокантни детали за борбата со зависноста од дрога во дваесеттите години од животот. Во книгата „My Book of Days: A Memoir in Moments“ тој период го опишал како своја „мрачна фаза“, во која, и покрај обидите да изгради актерска кариера, најголемиот дел од времето го поминувал користејќи дрога.
– Се пријавував на аудиции за неколку улоги, добивав некои од нив, но главно се дрогирав – напишал Дејн во извадок од мемоарите објавен во списанието „Пипл“.
Актерот без заобиколување набројал низ какви искуства поминал. Во неговата листа се алкохол, марихуана, ЛСД, хероин, кокаин, халуциногени печурки, мескалин, метамфетамин и крек, но и големи количества лекови против болки.
– Не мислам дека постои дрога што не сум ја пробал – признал тој.
Дејн користел и лекови како „Викодин“, „Перкоцет“ и „Оксиконтин“, како и седативи и други лекови наменети за различни состојби. Во мемоарите опишал како зависноста постепено го преземала неговиот живот, додека тој истовремено се обидувал да напредува во професијата.
Зависноста влијаела и врз неговата кариера
Проблемите со дрогата не останале само дел од неговиот приватен живот. Дејн во мемоарите се навратил и на периодот кога ја стекнувал светската слава со улогата на д-р Марк Слоун во „Вовед во анатомија“, серијата во која глумеше од 2006 до 2012 година.
Во тоа време повторно се соочил со зависноста од лекови против болки, откако повредил диск во вратот при вежбање. Актерот раскажал дека неговото однесување на снимањето се променило, дека станал повлечен и дека колегите забележувале дека нешто не е во ред. Во повеќе наврати се лекувал од зависноста, но борбата не била едноставна.
Последните години ги одбележа борбата со тешка болест
Актерот во април 2025 година јавно откри дека му била дијагностицирана амиотрофична латерална склероза (АЛС), прогресивна невролошка болест која ги оштетува нервните клетки одговорни за контролата на мускулите.
Ерик Дејн почина на 19 февруари 2026 година, на 53-годишна возраст, од респираторна слабост поврзана со болеста. Зад себе ги остави сопругата Ребека Гејхарт со која остама близок и покрај разделбата и нивните две ќерки, Били и Џорџија.
View this post on Instagram